По 20-часовна расправа, заврши седницата за ГА-МА без гласање

by Фокус

Предмалку заврши маратонската расправа во Собранието за предлог-законот за решавање на спорот меѓу Владата и Макпетрол околу заедничкото друштво за природен гас ГА-МА. Со неколку паузи, оваа расправа почна во текот на вчерашниот ден и траеше непрекинато цел ноќ се до раните утрински часови. Иако беа исцрпени сите 39 дискутанти од опозицијата, сепак, законот не беше изгласан бидејќи не беа присутни доволен број на пратеници од мнозинството.

„21 час непрекината битка во Собрание. Власта не успеа да го изгласа спорниот законот за преценета продажба на ГА-МА. Ќе се обидат пак деновиве, но оваа битка во текот на два дена, две ноќи и едно утро покажа дека против ВМРО-ДПМНЕ власта не може“, напиша на фејсбук потпретседателот на ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски.

Опозицијата се спротивставува на носењето на законот со кој Владата треба да му исплати над 30 милиони евра на Макпетрол, со што практично државата ќе стане целосен сопственик на ГА-МА. Власта, пак, аргументираше дека на овој начин државата ќе стане сопственик на витален ресурс, што автоматски носи поефтин гас и позитивни еколошки ефекти.

Поврзани новости