Плоштад „Вудро Вилсон“ во Чаир

by fokus

Градоначалникот на скопската општина Чаир, Висар Ганиу заедно со амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мери Брнс денеска промовирале плоштад што го носи името на 28-от американски претседател Вудро Вилсон.

Овој плоштад, поплочен со природен гранит, се состои од амфитеатар со 80 седишта, сцена и фонтана.

-Сигурни сме дека овој плоштад ќе биде многу привлечен за различни културни и образовни организирања. Така децата од градинките, од училиштата, студентите ќе можат да реализираат разни организации без да им требаат други реквизити бидејќи тука имаат се – амфитеатар со седишта, бина, фонтана и сето тоа опкружено со зелена средина, рече градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Пред административната зграда на Општина Чаир по повод 100-годишнината од Версајскиот договор, во 2019 година беше поставена и бистата на американскиот претседател Вудро Вилсон. Затоа Ганиу нагласи дека како што се одразуваат прогресивните идеи на американскиот претседател кој толку многу сакаше мир, а не војна и неговата важна улога во Версајскиот договор за развојот на народите, така и името на Вудро Вилсон ќе се одрази преку плоштадот и бистата во општина Чаир.

Амбасадорката Брнс изрази интерес за тековните области со врвен приоритет на општината и за тековното партнерство со збратимениот град Стаунтон, Вирџинија. Исто така, амбасадорката Брнс ја истакна важноста на доброто владеење и транспарентноста од локалните самоуправи, со еднаков пристап и третман за сите жители и бизниси.

Инаку, пред три години Општина Чаир се збратими со градот Стаунтон, родното место на претседателот Вудро Вилсон, една од најславните личности на американската политика кој се бореше за еднаквост на малите народи не само на Балканот. По збратимувањето следуваше поставувањето на бистата на американскиот претседател во општина Чаир, која беше заокружена со изградбата на плоштадот „Вудро Вилсон“, пред општинскиот административен објект.

Поврзани новости