Пломп: Со новата влада се отвораат нови можности за интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО

by fokus

Има многу поголемо чувство на итност кога станува збор за интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Со изборот на новата влада, мислам дека се отвораат нови можности. Сепак, Македонија и Грција се тие што треба да најдат решение за спорот за името, а меѓународната заедница има интерес да помогне, вели холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

На прашањето кои се приоритетите на кои треба да се фокусира новата влада, тој вели:

-Мислам дека тоа е работа на новата Влада, се разбира таа треба да ги одреди своите приоритети. Но, ако ме прашувате мене, јас би рекол дека првиот приоритет треба да биде подобрување на животот на сите граѓани во државата. Размислував за неизмерната радост во Македонија минатата недела кога ракометарите на Вардар станаа европски шампиони. Бев сведок на таква радост која ја обедини земјата, тоа беше радост на сите граѓани и многу би сакал граѓаните на Македонија да слават уште многу победи. Ако поконкретно ме прашувате за приоритетите на новата влада, би кажал дека пред сè тоа треба да бидат владеењето на правото, отчетноста, инклузивноста, и погенерално спроведувањето на реформите кои ќе ѝ овозможат на Македонија да влезе во Европската унија и НАТО. Можам да кажам дека за време на моите први состаноци со некои од министрите на новата влада, бев информиран дека токму овие реформи и евроатланските интеграции се на врвот на агендата на новата влада, вели Пломп за Радио Слободна Европа.

Поврзани новости