Пленуми: Тешко дека ќе започне новата учебна година

by Фокус

Наставничкиот и Средношколскиот пленум денеска во Паркот на новинари одржаа заедничка пресконференција на која најавија дека ќе продолжат со борбата против лошите реформи, меѓу кои се и новите измени на Законот за основно и средно образование. И во законските измени останаа паричните казни од екстерното тестирање за наставниците, а оние кои две години ќе бидат казнети ќе добијат отказ.

-Во вакви услови во какви што е сега образованието мислам дека тешко ќе започне учебната година. Имаме искуство со оваа учебна година и со штрајкот кој започна на почетокот на второто полугодие. Можеби пленумите ќе се одлучат да ја бојкотираат наставата се додека не бидат донесени нови измени во законите за основно и средно образование, рече Владо Димовски од Наставничкиот пленум.

Тој додаде дека Наставничкиот пленум ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на казните и наградите за наставниците. Иницијативата е веќе готова и сега се собираат потписи од професорите.

Од Средношколскиот пленум рекоа дека цврсто ќе застанат зад наставниците и зад заедничката борба за подобро образование. Тие порачаа дека борбата продолжува и од септември ќе продолжат со активностите со кои застанаа во мај.

Поврзани новости