Плацови на Водно: Лиле Стефанова останува, одбиено барањето на одбраната на Камчев за нејзино изземање

by Fokus

Барањето за изземање на јавната обвинителка Лиле Стефанова од случајот „Плацови на Водно“ е одбиено како неосновано. Ова е решението на барањето што го поднесе одбраната на обвинетиот Јордан Камчев, се вели во писмениот допис од ОЈО до Судот, пишува „360 Степени“.

Според бранителот на Камчев, адвокатот Еленко Миланов, ова барање за изземање го поднеле врз основа на поднесена кривична пријава во однос на застапникот на обвинението. Пријавата се однесува на постоење на основано сомнение за кривично дело несовесно работење во службата како и поднесување лажни докази.

По одбивањето на барањето, денешно рочиште во Основниот кривичен суд – Скопје, продолжи со презентација на останатите докази од доказниот материјал на обвинителството.

Денешното рочиште е всушност продолжение на она што се случуваше пред 10 дена.

Според распоредот, материјални докази на обвинителството ќе се презентираат и на наредните неколку рочишта, по што се очекува да се почне со сослушување на сведоците.

Покрај Јордан Камчев, во „Плацови на Водно“ на обвинителна клупа седат и неговата мајка, Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ. Првообвинет е експремиерот Никола Груевски, кој избега во Будимпешта и нему му се суди во отсуство.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски. За сиот имот што е опфатен со обвинението обвинителството бараше и конфискација, а според сумите кои ги објави обвинителство за кои биле купени или колку се проценети парцелите и становите, нивната вкупна вредност е околу 1,5 милиони евра. Во шемата на купување, според она што го соопшти обвинителството со поднесување на обвинителниот акт, вмешани се фирми со кои се поврзуваат дел од обвинетите, меѓу кои и офшор-компанија.

Груевски е обвинет за делата перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Камчев, неговата мајка, како и Новачевски и Јосифовиќ се товарат за перење пари, додека Мијалков е обвинет за помагање во делото перење пари.

 

Поврзани новости