Платформата за борба против корупцијата бара прекинување на неказнивоста

by Фокус

По трагедијата во Кочани, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата изнесе десетина барања до надлежните институции со цел прекинување на праксата на неказнивост и селективна правда. Од таму велат оти недостигот на одговорност и селективната примена на закони создале амбиент во кој трагедиите се очекуван исход, а оти без еднаков третман пред законот и системски реформи, трагедиите ќе продолжат да се повторуваат.

Првото од нивните 11 барања на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата е целосна, непристрасна и транспарентна истрага за пожарот во Кочани, без политички влијанија, како и редовни јавни брифинзи од Обвинителството за планот и текот на истрагата, без нејзино попречување.

Од таму бараат и реформи во казнената политика, строги, предвидливи и правично применети казни за корупција, како и одговорност од институциите и компаниите кои не ги исполнувале обврските. Притоа, велат оти е потребно да се утврди зошто контролите и надзорот не се спроведувале со години, дали тоа било резултат на нестручност или свесен пропуст и дополнително, бараат да се обезбедат информации за тековните постапки и резултатите од нив.

„Покрај потребата да се истражи одговорност на инспекторите за констатираното раширено неследење на правила од страна на компаниите, потребно е и нивно доекипирање како би се проширил годишниот опфат н контролирани субјекти. Инспекторатите треба да бидат финансиски и политички независни, а кадровски максимално зајакнати“, наведуваат од Платформата за граѓански организации за борба против корупцијата.

Во однос на проверките при вонредните надзори, од невладината организација посочуваат дека само административната проверка не е доволна, а оти инспекциите треба да опфатат теренска и темелна проверка за да се утврди кои објекти и компании ги исполнуваат законските стандарди.

Од аспект на проверките, повикуваат на проверка и на анкетните листови на инспекторите и службениците кои одлучуваат за доделување на лиценци и дозволи, со цел, како што велат, да се откријат евентуални конфликти на интереси или коруптивни врски.

„Понатаму, ревизија на постапките за добивање дозволи и лиценци. Потребно е усогласување на сите прописи за безбедност, јасни критериуми за заштита од пожари, и обврска за теренски увид од ДЗС пред издавање дозволи. Елаборатите за заштита мора да станат задолжителен услов и при издавање на угостителски лиценци“, доодаваат од организацијата.

Посочуваат оти најавените законски измени не смеат да се користат како оправдување за сите претходни незаконски постапувања и дека за досегашните направени пропусти мора да има одговорност дури и ако во меѓувреме се смени законската рамка. Во насока на одговорноста, посочуваат дека е потребно воспоставување вертикална одговорност во институциите и дека секој што дозволил функционирање на небезбедни објекти од најниско до највисоко ниво мора да сноси одговорност – дисциплинска, прекршочна, кривична или политичка.

Поврзани новости