Платата на новинарите под просекот, на уредниците достигнува и до 120.000 денари

by fokus

Речиси половина или 45 проценти од македонските новинари примаат плата пониска од државниот просек, кој изнесува 22.808 денари, покажува новата анкета на Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ), спроведена во јули и во август годинава. Наспроти тоа истражувањето покажува драматичен јаз меѓу платата на новинарите и уредниците во една редакција, а особено во телевизиите, каде платата на главниот уредник достигнува и до 120.000 денари.

„Испитувањето што го направи ССНМ ја открива и големата разлика меѓу новинарската и уредничката плата посебно во телевизиите, бидејќи како што покажа анкетата новинарската плата се движи некаде околу просекот, меѓу 19.000 и 24.000, додека уредничкиот личен доход варира од 40.000 до 50.000 денари, со исклучок на онаа на главен уредник која стигнува и до 120.000 денари“, велат од ССНМ.

Од Синдикатот велат дека податоците се загрижувачки затоа што повеќе од половината или околу 54 проценти од медиумските работници и новинари не се вработени постојано, односно немаат договори на неопределено време

„35 проценти се на определено време и 19 отсто се ангажирани хонорарно, што значи дека секој пети вработен во медиумите може да биде отпуштен во секој момент“, велат од ССНМ.

Ако 45 проценти се под просекот, останатите 40 отсто од анкетираните новинари и медиумски работници, или вкупно 51 од испитаниците, имаат плата чиј износ се движи меѓу просечната и 30.000 денари. Според истражувањето 85 проценти од новинарите имаат плата помала од вредноста на потрошувачката кошница. Податоците укажуваат и дека работата во порталите за новинарите и медиумските работници е понесигурна и пониско платена.

„Драматичната состојба, меѓу другото, е резултат и на децениската агонија на медиумите кои поранешната владејачка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ или ги контролираше или ги напаѓаше со сите расположливи средства. Оваа политичка чизма остави зад себе големи медиумски корпорации испразнети од содржина, без сериозни и искусни новинари и медиумски работници, кои заминаа поради грубите политички притисоци и во редакциите останаа млади и неискусни работници, кои полесно се контролираат и, нормално, уште помалку се плаќаат“, посочуваат од таму.

Работната сила во медиумите главно ја сочинуваат новинари меѓу 30 и 50 години, дури 72 проценти се во оваа категорија, меѓутоа мал процент, само 20 отсто се под старосната граница од 30 години.

 

Поврзани новости