Пластичните кеси одат во историјата, одобрени се 74 милиони денари за Препанско и Дојранско езеро

by Фокус

Владата на денешната седница ги утврди текстовите на неколку предлог-закони во согласност со регулативата на ЕУ за управување со отпадот, со што комплетно ќе се имплементираат принципите на циркуларна економија во управувањето со отпадот. Суштинските придобивки од законските решенија, како што соопштија од владата, се донесуваат зајакнување на обврските за производителите и колективните постапувачи, воведување хиерархија во постапувањето со отпадот, воведување финансиска одговорност за производителите на пакување, батерии и акумулатори. Исто така, предвидена е и забрана за пластични ќеси.

„Од овие законски решенија кои ќе бидат доставени на усвојување во Собранието, одговорноста за целиот циклус на отпадот од производство до рециклажа е на производителот, а граѓаните ќе бидат задолжени да вршат селекцијата на отпадот, додека општините заедно со колективните постапувачи ќе имаат јасни обврски да им ги овозможат сите неопходни услови за селекција на отпадот на сите граѓани“, велат од Владата.

На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои информацијата со анализа и акцискиот план за Преспанското Езеро, подготвена од Експертската работна група за Преспанско Eзеро.

„Владата ги задолжи надлежните институции утврдени во Акцискиот план за Преспанско Eзеро, да обезбедат финансиски средства за реализација на мерките на Акцискиот план за Преспанското Езеро, и во таа насока донесе Одлука за одобрување првични средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година во износ од 44.000.000 денари на општина Ресен, за решавање на проблемот со состојбата на Преспанското Eзеро“, информираа од Илинденска.

Ваква Одлука за одобрување на средства во висина од 30.000.000 денари од Буџетот за 2020 година донесе и за општина Дојран за решавање на проблемот со состојбата на Дојранското Eзеро.

Поврзани новости