Пласница останува кај семејството Јахоски, братот на досегашниот кандидат за нов градоначалник

by Фокус

Откако долгогодишниот градоначалник на Пласница, Исмаил Јахоски, беше избран за пратеник на последните парламентарни избори, ДУИ за нов градоначалник на оваа мала рурална општина го номинира неговиот брат Алија Јахоски, дознава Фокус од извори во ДУИ. Според податоците што ги обезбедивме, помалку познатиот од двајцата браќа моментално е активен бизнисмен.

Според податоците од Централниот регистар, и Исмаил и Алија Јахоски своевремено биле дел од нафтената компанија „Пуцко Петрол“, чиј моментален сопственикот е синот на пратеникот Јахоски – Асмир Јахоски. Оваа компанија во изминативе години склучила голем број на договори со државни институции и јавни органи за снабдување со нафта и нафтени деривати, чија вредност, според Бирото за јавни набавки, изнесува над 100 милиони евра.

Моментално, Исмаил Јахоски ниту поседува ниту управува приватна компанија, меѓутоа неговиот брат и кандидат за негов наследник на градоначалничката функција во Пласница е сопственик на фирма. Станува збор за друштвото за пилење и стружење на дрво „Пуцко Комерц“, која до 2008 година била во сопственост на Исмаил Јахоски, а оттогаш до денес на Алија Јахоски.

Финансиските извештаи на друштвото покажуваат дека во последната 2019 година остварило приходи од 46 милиони денари и добивка од милион долари. Според Бирото за јавни набавки, во периодот од 2016 година досега, оваа компанија склучила 5 договори со ЈП „Македонски шуми“ за сеча со дотур на дрвни сортименти во вкупна вредност од 11,5 милиони денари, при што последниот договор меѓу двете страни е склучен во јуни годинава на вредност од 1,5 милиони денари.

На изминативе изборни циклуси, Алија Јахоски беше обвинуван дека бил изборно ангажиран во функција на неговиот брат Исмаил Јахоски. Дури, во една жалба до Државната изборна комисија и тужба до Управниот суд,  Демократската партија на Турците го обвинува дека гласал во име на целото семејство и вршел притисоци врз членовите на Општинската изборна комисија.

Сега, тој е на добар пат да го замени неговиот брат како градоначалник на општината, со оглед дека албанската опозиција предводена од Алијансата за Албанците и Алтернатива веќе најави дека нема намера да учествуваат на овие избори, исто како што тоа го стори ВМРО-ДПМНЕ во Штип.

Влатко Стојановски

Поврзани новости