Планот за Водно е незаконски усвоен од советниците на ВМРО-ДПМНЕ?

by lali

Ако се прочита Законот за локална самоуправа, вчерашното изгласување на двата спорни ДУП-ови од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и без присуство на опозицијата отвора сомнеж за валидноста на оваа одлука.

Колку за потсетување, вчера советниците на ВМРО-ДПМНЕ  ги изгласаа спорните ДУП-ви и отворија врата за изградба на десеткатница на падините на Водно и уништување на зеленилото. Позитивно гласаа 11 советници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, опозициските советници ја напуштија седницата, а „против“ беше претседавачот на Советот Мирослав Шиповиќ. Но токму неговото присуство и гласање (иако гласаше против), им го обезбедија кворумот на ВМРО-ДПМНЕ. Но, колку оваа одлука е валидна?

Како што објави и претседателот на СДСМ Зоран Заев на својот Фејсбук профил, според член 62 Законот за локална самоуправа, советот донесува прописи и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи. Прописите пак, се донесуваат со мнозинство гласово од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со закон. Деталните урбанистички планови спаѓаат во прописи.

Советот на Општина Центар брои 23 членови – 12 од СДСМ и коалицијата и 11 од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. За да се изгласа еден пропис (во случајот двата ДУП-ови), потребно би било мнозинство, односно позитивно да се изјаснат 12 советници.

Во конкретниот случај тоа не беше така. Позитивно гласаа 11-те советници од ВМРО-ДПМНЕ, а Шиповиќ гласаше „против“, со што под сомнеж се доведува валидноста на вчера донесените одлуки „Тасино чешмиче“ и „Капиштец -Водно“, бидејќи одлуката не беше донесена со мнозинство гласови на Советот.

Подетални информации за изгласаните измени и нивната законска (не)оправданост се очекуваат во текот на денешниот ден. На потег е да се изјасни градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски кој има надлежност да запре одреден акт да биде објавен ако не е донесен со мнозинство гласови од вкупниот број советници.

Поврзани новости