Планот се смени, Македонија сепак оди на Евровизија!

by fokus

Минатата недела на официјалната страница на популарниот музички натпревар Евровизија беше најавено дека наредната година, во Лиасабон, Португалија, ќе настапат 42 земји учеснички, а Македонија не беше помеѓу нив.

Денес, со соопштение, повторно на официјалната страница на Евровизија, информираа дека и покрај тоа што веќе најавиле како на настанот ќе има 42 земји учеснички, денес се сменил планот, и Македонија е четирисет и третата учесничка.
Организаторите, исто така известуваат дека влезниците за Евровизија ќе бидат пуштени во продажба од 30 ноември.

Мери Попова, шефица на македонската евровизиска делегација во изминативе пет години, сеуште нема излезено со официјален став околу првичната информација дека нема да учествуваме, и околу најновата, од денес, дека сепак ќе имаме претставник. Не е познато ниту со колкав буџет се располага за време на настанот.

Таа заедно со останатите членови на македонската евровизиска делегација лани се најде на мета на напади од јавноста, откако нашата претставничка Јана Бурческа не успеа да влезе во финале. Реакциите во јавноста беа дека немаме среќа, кога е Евровизија во прашање, дека се избираат лоши песни, како постојат разни теории за заговор помеѓу земјите учеснички, но и дека голем дел од вината за константно лошите пласмани сноси и нашата евровизиска делегација.

Победата на Португалија, каде ќе се одржува следното издание на Евровизија на 8, 10 и 12 мај 2018 година, и ја донесе младиот Салвадор Собрал, и тоа беше прва победа за оваа земја по 53 години учество на музичкиот настан.

Вики Клинчарова

Поврзани новости