Планинарите револтирани: 15 години сме „проклети“ волонтери и предмет на потсмев на оваа еколошки несозреана држава

by fokus

Општина Чашка пред извесно време информираше дека ќе се асфалтира патот до Планинарскиот дом „Чеплес“, кој е во должина од 11 километри. Можеби ова е една од ретките убави вести за планинарите и рекреативците кои секојдневно ги истражуваат планините на Македонија.

Игор Смилев, претседател на Еколошкото друштво „Грин Пауер“ во разговор за „Фокус“, порача дека не е воопшто задоволен од состојбата во која се наоѓаат, како што ги нарече планинарски засолништа, а не планинарски домови.

„Ние немаме планинарски домови (со некои исклучоци). Имаме само засолништа, кои ги нарекуваме планинарски домови, бидејќи не постои ниту категоризација соодветна на условите на сместување. Под оваа категорија, го ставаме и нашиот планинарски дом „Папрадиште“ и од руина од која целиот свет крена рака, создадовме засолниште“, вели Смилев.

Според него, државата и останатите институции треба малку повеќе да се заангажираат за одржувањето на планинарските домови и условите.

„Ако ние како „Грин Пауер“ оправдано сме неспособни за подобрување на условите во нашиот дом тогаш државата во континуитет неоправдано е неспособна, поради континуираниот профит кој го остварува, наспроти убивањето на волонтеризмот кој постојано го сузбива или го игнорира. Исто и Федерацијата на планинарски спортови би требало да е директно надлежна за секој планинарски дом“, додава тој.

Како што вели Игор, планинарските домови станале приватна сопственост и според него, формално го содржат називот„планинарски дом“. Постојат и исклучоци и кај нас, додава Смилев.

„Држава и Федерација не можат да родат способно и проактивно општество и развиени планианарски домови. И токму поради ова, голем дел од планинарските домови станаа хостели, хотели, мотели и сместувачки капацитети во приватна сопственост, кои само формално го содржат називот „планинарски дом“. Во Бугарија, на пример, која еволутивно планинарски е 40 години пред нас, планинарските домови се на ранг на хостели и хотели, а засолништата се подобри од нашите просечно добри планианрски домови. Цена на ноќевање во Бугарија во дом (од висока класа) е речиси идентична со цена на еден т.н. дом кај нас (или засолниште). Таму речиси во секој дом можете да си купите топол оброк, а кај нас топол оброк можете да добиете само во научно фантастичен филм за македонските планианрски домови , или топлиот оброк зависи од добрата душа на некој добар домар или чувар на дом. Сепак, и кај нас постојат исклучоци од ова правило, но тие се премалку за да извадиме генерално преодна оценка“, посочи Смилев.

„Фокус“ пред неколку дена објави загрижувачки фотографии од Велешкото Езеро „Младост“, чие крајбрежје е загадено со ѓубре и отпад. Игор Смилев никако не го оправдува тоа однесување на несовесните граѓани, а според него, колку повеќе акции за чистење постојат, толку повеќе пораснала пасивноста кај локалните служби.

„Изгледа сите живеат со тоа старо добро правило „Кога можат будалите од „Грин Пауер“ да чистат, зошто ние да не фрламе или да чистиме?“. Соврено показна вежба за менталитетот на нашиот народ. 15 години сме „проклети“ волонтери и предмет на потсмев на оваа еколошки несозреана држава“, заврши Смилев.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости