Планинарите и НП Маврово во клинч: Собирачи на шумски производи и самопрогласени водачи се шетаат без дозвола!

by Fokus

Управата на НП Маврово донесе одлука за едномесечна забрана за движење во одредени региони на паркот, која ќе трае до крајот на наредниот месец.

Ваквата одлука наиде на силен револт од планинарите, според кои не е воопшто јасна ваквата одлука, со оглед на тоа дека времето не е во сезона кога се шират пожари во Македонија.

„Ваквата одлука мора да има некаква добра причина која не е позната на јавноста. Што стои зад оваа одлука и што се крие зад истата? Или станува збор за параван за ловната сезона и ловот на дивокози во НП Маврово. Ова е навистина разочарувачки“, реагира планинарката Југослава Дуковска за „Фокус“.

Според некои, оваа одлука е донесена за многу брзо време а најмногу на удар ќе бидат планинарските водичи од земјава. Даут Јашари од село Жировница е еден од нив, кој има и сопствен планинарски дом во селото.

„Навистина немам коментар по ваквата одлука. Ова е непромислен потег и смешни се овие известувања кои не се допрецизирани. Имав две планинарски тури и морав да ги откажам“, разочарано вели Јашари за „Фокус“.

НП Маврово со свое објаснување за ваквата одлука, потенцирајќи дека се изненадени од реакциите кои се проширија во јавноста. Тие додаваат дека во заштитените подрачја наишле на низа непочитувања на правилата во националниот парк.

„Пред донесување на Одлуката на подрачјето Карбула – Меденица – Говедарник , ренџерската служба по извршената контрола на 54 посетители затекнати на лице место, ниту еден немал дозвола за влез односно затекнати се и собирачи на споредни шумски производи исто така без дозвола, самопрогласени планинарски водичи кои бесправно и без договор со Управата вршат туристичка дејност и наплаќаат за услугите и на домашни и странски туристи, само останува отпадот во планината кој што ќе го собираат шумарите“, ни истакнаа од НП Маврово.

Оттаму додадоа дека во моментов се спроведува таксација или премер на шумскиот фонд на целата територија на паркот.

„Одлуката се однесува за многу мал процент од територијата на паркот и сметавме дека нема да предизвикаме вакви реакции и коментари кај јавноста затоа што паркот има огромен потенцијал за туристите“, додадоа оттаму.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости