Планинари креваат бунт: Градоначалникот на Чашка сака да не избрка од домот „Папрадиште“ незаконски!

by Fokus

Планинарите од планинарскиот дом „Папрадиште“  го кренаа гласот откако им стигнала информација од градоначалникот на Општина Чашка,Горан Стојановски дека имаат десет работни денови да го напуштат домот со кој 20 години раководи еколошката групација „Грин Пауер“ од Велес.

Како што истакна претседателот на „Грин Пауер“ , Игор Смилев, не постои законска рамка според кој домот може да биде одземен за толку краток период, па дури и раководителите да не работеле согласно очекувањата на надлежните институции.

„Најновиот обид (имаше уште еден во 2011 година) на градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски еднострано да го раскине договорот со Е.Г.Грин Пауер за одземање на владението со планинарскиот дом „Папрадиште“, не е ништо друго, туку реплика на обидот на неговиот претходник, да го узурпира планинарскиот дом „Чеплес“ кој заврши со враќање во владение на претходниот сопственик и исплата на оштета, што за оваа сиромашна општина секако претставува огромен терет“, вели Смилев.

Според нив, рокот од 10 денови да се напушти домот е спротивно на секоја законска легислатива.

„Одлука за „Нарушено владение“ на било каков објект и предвремен раскин на договор ( независно од причините) носи надлежен суд по претходна покрената постапка, а не градоначалник, со едностран самоволен акт. Дотогаш останува „Грин Пауер“ единствен владетел согласно важечкиот концесиски договор“, категоричен е Смилев.

Еколошката групација „Грин Пауер“ склучила договор со Општина Чашка за владение на домот „Папрадиште“, а нивниот мандат завршува во 2024 година. Од друга страна, планинарите тврдат дека вложиле многу во овој дом и истиот е престој за илјадници планинари во текот на целата година.

„Овој објект беше гордост и репрезент а до ден денешен е оаза на планинарскиот спорт и рекреативниот туризам за илјадници планинари и рекреативци од Македонија и странство.

 

Планинарскиот дом Папрадиште беше и останува караула на планинарскиот туризам кој го посетуваат стотици планинари од три континенти…за денес алчноста да дојде по своето и да се обиде да се уништи последната планинарска оаза во централна Македонија“, додава Смилев.

Тие не планираат да се откажат лесно од оваа борба и ќе го бранат договорот кој истекува за две години.

„Тргнуваме по патот од кој нема враќање, во борба за докажување на бесмисленоста на последната одлука на градоначалникот на Чашка, бесправно да го окупира објектот на Планинарскиот дом во Папрадиште без никаква правна основа.

 

Со презир го отфрламе непристојниот предлог и одлучуваме да се бориме против силата и неправдата со сите законски средства кои ни се на располагање“, заврши Смилев.

Адвокатот Ѓоко Гажоски за „Фокус“ смета дека не постои законска регулатива според која може да се одземе владението на домот од градоначалникот Стојановски.

„Согласно договорот за отстапување на користење на недвижен имот, обврските кои ги има преземено еколошката групација „Грин Пауер“ според член 2 од договорот се исполнети, а по однос на тие што не се исполнети, има уште две години рок да се остварат истите“, вели Гажоски за „Фокус“.

Според него, по однос на известувањето за едностран раскин на договорот, истиот не е во согласност со Законот за облигациони односи ниту на било кој начин е опфатено со самиот договор, односно со модалитетите за раскин на истиот.

„Самото известување изобилува со паушално наведен инаводи, нема правна сила, ниту го обврзува управителот на домот да го напушти, предаде владението. Отстаувачот може да бара резултати или евалуација по однос на исполнувањето на обврските преземени од корисникот, но не може да бара предвремен раскин ниту предавање во владение на отстапениот недвижен имот бидејќи нема законска основа во Законот за облигациони односи“, го заврши разговорот Гажоски.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости