„План Б“ за директор на национална безбедност: Зоран Мацкиновски или Љупчо Мреновски

Доколку отпорот кон фаворитот Заре Милошевски е преголем, најсериозни кандидати за наследник на Димовски се Мацкиновски и Мреновски.

by Фокус

Заре Милошевски, близок до генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, кој напредувал во УБК во време на Сашо Мијалков, како што веќе објави Фокус, е главен претендент да застане на чело на Агенцијата за национална безбедност, откако се уште актуелниот директор Виктор Димовски ќе замине на амбасадорска служба во Франција.

Инаку, тој е брат на Томе Милошевски, поранешен помошник-министер на одделот за обезбедување на ВИП личности и објекти, кој во изминатиот период често јавно ја критикуваше поранешната влада и раководство на СДСМ на чело со Зоран Заев, додека истовремено упатуваше пофални зборови кон неговиот претходник Бранко Црвенковски.

Нивниот трет брат – Милан Милошевски, пак, своевремено бил директор на ГТЦ како кадровско решение на СДСМ, но и имал други функции. Низ медиумските архиви може да се најдат текстови дека тој во 2003 година поднел оставка од функциите заменик претседател на УО на клинички центар и претседател на НО на македонски железници, за да ја избегне концентрацијата на повеќе функции.

Покрај Заре Милошевски, веќе пишувавме дека уште 2 лица од „куќата“ се во конкуренција за наследник на Димовски. Тоа се Зоран Мацкиновски и Љупчо Мреновски, кои, според добро упатени извори, се сметаат за „план Б“, доколку отпорот кон Милошевски биде преголем.

БЛИСКОСТ СО ЏОНИ, НАПРЕДУВАЊЕ КАЈ МИЈАЛКОВ

Зоран Мацкиновски му беше заменик на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Николовски – Џони. Како напредуваше Џони, велат упатените, така Мацкиновски одеше по неговата линија на испразнети места.

Сепак, нашите извори велат дека кај Мацкиноски има двоумење дали воопшто да го прифати предизвикот за нов директор на АНБ, токму поради судбината на Џони, кој, по завршуваше на мандатот како директор на УБК повеќе не се смета за прифатлив кадар и е поставен на располагање без никакви задачи и одговорност.

Исто како и Милошевски, така и Мацкиновски напредувал во времето на Мијалков, со оглед дека се искачил на повисоки позиции во 2012 и 2015 година. Поради овој факт, за нив има одреден отпор во рамки на АНБ, но и во еден дел од политичкото милје, каде всушност се игра главната игра при изборот на новиот директор.

Што се однесува до Мреновски, пак, и тој важи за близок до дуото Мацкиновски-Николовски, а сите заедно биле дел од ист тим за соработка со ЦИА. Згора на тоа, близок роднина на Мреновски работи во амбасадата на САД во Скопје. Познавачите велат дека не инклинира до ниту една политичка опција.

НЕСТОРОВСКА И ЛУКАРЕВСКИ – ФАВОРИТИ НА СПАСОВСКИ

Исто така, нашите извори посочуваат дека свој фаворит за нов директор на АНБ имал и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Станува збор за државниот секретар во МВР Магдалена Несторовска. Воедно, како потенцијален претендент за оваа функција се споменуваше и шефот на одделот за крим-полиција при МВР, Оливер Лукаревски.

Во политичко-безбедносниот врв веќе подолго време се отпочнати разговори и лобирање за обезбедување на поддршка за идниот директор на АНБ, при што секој влече кон својот фаворит. Од Владата кусо ни одговорија дека „во моментот кога ќе биде избран новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, јавноста навремено ќе биде известена“.

Дека има разлики во владејачката структура околу изборот на нов директор на АНБ покажува и последниот развој на настаните во Собранието, каде владејачката СДСМ го бојкотираше предлогот на се уште актуелниот директор Димовски за пополнување на позицијата за нов началник на АНБ. Една од причините за тоа, брифираат од власта, се реакции од надворешните партнери.

Според информации на „Фокус“,  началникот на АНБ Битола Златко Николовски бил предлогот за позицијата началник на внатрешна контрола, која е испразнета повеќе од една година, откако Златко Арсов е именуван за заменик-координатор за антитероризам. Во последните 2 години, ова е прв предлог за пополнување на оваа позиција, кој мора да мине низ матичната собраниска Комисија за надзор над работата на АНБ.

Влатко Стојановски

Поврзани новости