Плаќање придонеси за договори на дело е правно неиздржано, тврди Јовановиќ

by Fokus

Плаќање придонеси за договорите на дело, како прво, е правно неиздржано, затоа што тие луѓе немаат работен однос, па со тоа ни права ни обврски од работен однос, вели за „Фокус“ професорот од Виенскиот Институт, Бранимир Јовановиќ.

-Во 2014, кога ВМРО сакаше да го направи истово, а СДСМ беше против, се достави и иницијатива до Уставен суд за проценка на уставноста на оваа одредба (судот никогаш не пресуди, бидејќи одредбата се укина во меѓувреме), појаснува Јовановиќ.

Освен тоа како што додава тој, неправедно е да се даночат хонорарците со нови даноци од 28%, во ситуација кога на најбогатите во државата не им правите ништо.

-Хонорарците се најексплоатираната категорија работници, тие немаат ни договор за работа, ни постојана работа, ни стабилни приходи, ниту пак заработуваат многу. И вие сега ќе им земате пари на нив, а оние кои се обогатија и за време на пандемијата и за време на оваа нова криза, не ги ни чепкате. Не е во ред!, вели Јовановиќ.

Министерството за финасии подготви предлог-концепт за даночната реформа којашто се планира да почне од следната година. Во тек е дебатата со сите засегнати страни, но веќе има реакции од бизнис-секторот, кој смета дека во време на енергетска и економска криза не е вистинскиот момент за вакви реформи.

Министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека даночната реформа се прави за да се создаде оптимален даночен систем и да има правично оданочување кое ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на граѓаните. На реформата, како што вели, е работено долго време и направени се длабински анализи.

Она што како предлог-решение стои во даночната реформа е да се оданочуваат каматите на депозитите за 10 проценти, да се укине даночното ослободување по основ на реинвестирана добивка и да се плаќа здравствено и пензиско осигурување за хонорарците. Останува отворено прашањето за прогресивното оданочување, за кое ќе се дебатира во следниот период. Во нацрт-даночната реформа нема конкретен предлог за ова прашање со цел да се остави простор за дебата и да се види кое решение би било најсоодветно.

 

Даночната реформа ќе се спроведува етапно и на почетокот е планирано да се реализира во делот на данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност. Од данокот на добивка и на личен доход се очекува во буџетот годишно да се слеат 54 милиони евра.

Соња Танеска

Поврзани новости