Плаќал сметки и случајно открил „фантом” со негов идентитет

by fokus 18:58
18:58

Избирачкиот список не е прочистен, алармира Центарот за слобода – ЦИВИЛ, во својот периодичен извештај од набљудувањето на изборниот процес. Во мали селца има индиции дека дури третина од запишаните на списокот се фантоми, покажуваат Истражувањата на ЦИВИЛ.

Посебно интересен е случајот на жител на населба Топанско Поле кој се обратил до Центарот, откако случајно, додека плаќал сметки во УЈП, пронашол „фантом” со свој идентитет.

- Advertisements -

Човекот којшто никогаш не ја сменил адресата на живеење, открил дека со неговите генералии и со неговиот единствен матичен број, постои уште едно лице, негов „фантом“ кој живее на друга адреса, во друга населба во Скопје.

Покрај ова,  ЦИВИЛ пишува и дека во ресенското село Долно Перово, кое има околу 200 жители, запишани во Избирачкиот список, дури 60тина биле фантоми.

Жители на Долно Перово посочуваат имиња и презимиња на гласачи запишани во списокот, кои воопшто не живеат во селото, ниту, како што велат, некогаш живееле таму. Според перовчани, меѓу нив  има и жители од Мала Преспа, кои се евидентирани како гласачи во овој список.

Од Центарот за слобода за овие случаи веќе се обратиле до Државната изборна комисија и побарале објаснување, но засега не добиле одговор.

Поврзани новости