Пивоваров: Ни се случи државен тероризам, мафијата функционира во име на државата

by fokus

Универзитетскиот професор и поранешен разузнавач Владимир Пивоваров вели дека синоќа во Собранието се случи државен тероризам.

-По она што можев да го видам, а видов и слушнав доволно, ни се случи државен тероризам, односно кога мафијата функционира во име на државата. Да сме нормална правна држава насилниците и организаторите треба да одговараат не за неколку, туку за милион кривични дела, вели професорот Пивоваров, кој додава дека еден од насилниците кој најмногу тепал и дивеел е познат криминалец кој во државата се бара со потерница.

Тој додава дека не е изненаден од непрофесионалниот однос на полицијата, бидејќи така се однесуваат веќе со години.

-Па тие не потфрлија само синоќа, туку потфрлаат веќе десет години. Штитат туѓи интереси, а за тоа секако се знае дека имаат бенефит, бидејќи половина се со фалисификувани дипломи. И не можат да се прават дека се изненадени или затекнати, бидејќи во МВР бил формиран кризен штаб, но некој им дал наредба да не постапуваат, истакнува Пивоваров.

Поранешниот разузнавач гледа одговорност и кај претседателот на државата, Ѓорге Иванов, бидејќи наместо и тој да глуми изненаденост, можел да реагира.

-Кога ги аболицираше функционерите од ВМРО-ДПМНЕ и кога од СЈО го прашаа од каде ги знае имињата на осомничените, кога предистражните и истражните постапки се тајни, тој посочи дека тој бил претседател и имал начини да дознае. Тогаш имал начин да дознае и дека се планира насилство во Собранието, иако тоа и не беше тајна, организаторите на простетите тоа и постојано го најавуваа, истакнува Пивоваров.

В.В.

Поврзани новости