Питу Гули, матичниот клуб на Илија Најдоски, по 25 години обезбеди влез во Втора лига

by fokus

Крушевскиот фудбалски клуб Питу Гули, тим во кој својата кариера ја започнал легендарниот играч Илија Најдоски, по цели 25 години успеа да обезбеди влез во Втората македонска фудбалска лига.

Тимот од Крушево со вчерашната победа од 3-0 над Бабуна од Велес, се искачи на првата позиција на табелата во Трета лига – централен регион и сосема заслужено обезбеди влез во второто по ранг фудбалско натпреварување во Македонија.

Тренерот на тимот, Тони Филопоски не го криеше задоволството од постигнатиот успех на неговата екипа.

„Имавме неверојатна сезона и задоволен сум од заложбата на моите играчи. Горд сум што тимот обезбеди влез во Втората лига и нашите очекувања за наредната сезона се големи. Добивме финансиска помош од локалната самоуправа од Крушево, но и од угостителите од градот. Сметам дека имаме квалитетна екипа, имаме надежни млади фудбалери. Последно Питу Гули играше во Втора лига во сезоната 1993/94, тогаш и јас играв за клубот“, ни изјави Филипоски.

Питу Гули сезоната ја заврши како лидер со 55 освоени бодови, 18 победи, три порази и само еден нерешен резултат.

Кариерата во овој клуб ја има започнато легендарниот македонски фудбалер, Илија Најдоски, а за овој тим има настапувано и некогашниот тренер на Вардар и долгогодишен македонски репрезентативец, Гоце Седлоски.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости