Ѓорѓи Спасов: Писмото на Иванов е знак за неговото лудило

by fokus

Пишува: Ѓорѓи СПАСОВ

Му порачаа Столтенберг, САД и Могерини од ЕУ дека негова должност е да го почитува Уставот и да го додели мандатот на партиите кои имаат парламентрано мнозинство за состав на нова влада. Очекуваа да покаже мудрост од него, односно елементарна свест дека не смее тој да го крши Уставот, да не почитува демократски вредности и да предизвикува меѓуетнички судири во земјата, кои може да доведат до загрозување на целиот мир на Балканот.

Но,талентот Иванов, кој според владиката Агатангел „ни го дал самиот Господ за да ја одбрани државата од душманите „ сета своја мудрост ја срочил во писмо кое го испратил до Доналд Туск , Столтенберг, Донал Трамп ,како претставници на земјите и организациите кои се стратешки партнери на Македонија и до неговиот личен пријател, претседателот на Турција Ердоган, во кое бара да го разберат зошто тој, наспроти должноста која му ја налага Уставот, нема да додели мандат на никого за кого тој не убеден дека е патриот и бара помош за „спасување на Македонија„ од мешањето на Албанија и Косово во внатрешните работи на Македонија. Ова писмо Иванов не им го испратил само на српскиот премиер Вучиќ и на рускиот претседател Путин, веројатно само затоа што тие веќе јавно изразија целосно разбирање за неговите потези и за неговата загриженост.

Иванов отворено лаже и измислува во писмото, неосновано обвинува и неговата омраза кон Албанците ја издига на ниво на официјална политика на Македонија.

Откако не успеа да направи било што корисно пред потпишувањето на Договорот од Пржино,, за надминување на кризата по фалсификуваните избори на кои и тој беше избран во 2014та година , тој направи обид со аболицијата да го поништи клучниот елемент од тој договор и да го обесмисли формираното Специјално јавно обвинителство. Предвремените избори со тој договор беа прифатени како нужност но и со надеж од Иванов и Груевски дека „народот ќе кажел дали се они одговорни за масовните нелегални прислушувања, масовните злоупотреби на власта, криминалот деградирањето на слободата на медиумите и укинувањето на владеењето на правото. И бидејќи резултатите од тие избори не излегоа според нивните очекувања, сега Иванов и Груевски најдоа сосема други причини за да не се признаат изборните резултати, да не дојде до промена на власта и по можност да се укине засекогаш слободното право на изјаснување на граѓаните.

Иванов молчеше како труп за платформата на политичките партии на Албанците, додека таа се подготвуваше и потпишуваше, се додека мислеше дека Груевски со прифаќањето на таа платформа ќе направи влада, и му го даде мандатот на Груевски за состав на влада без да праша на каква платформа ќе ја сотавува и со кого. Но, во моментот кога ДУИ откажа да состави влада со ВМРО ДПМНЕ, Груевски почна да се однесува одмаздољубиво како „напиштена љубовница„ и го покрена целиот систем на закани кон ДУИ , ја обнови националистичката реторика за „опасноста од Албанците„ и за нивните „зли намери„ и во таа своја параноидна приказна го вклучи во првата борбена линија токму Ѓорге Иванов.

Иванов од денот на повторениот избор во 2014 година, не е во добри односи со Албанците од ДУИ. Тие не го прифатија како кандидат за претседател, го бојкотираа неговиот избор, но му овозможија да биде избран на таа функција и објавија по изборот дека не го признаваат за свој претседател. Иванов за одмазда не им дозволи да имаат свој претставник во Советот за безбедност, не именуваше амбасадори од нивните редови ниту во Агенцијата за разузнавање и контраразузнавање која е под негова контрола, а ги одржуваше и конфликтите со нивните кадри во Армијата на која тој и е врховен командант.

Таа негова скриена војна со ДУИ од 2014 -та до денес доби крила со пропаѓањето на шансата и по изборите од 2016 та година Груевски да состави влада со Ахмети.

Во писмото што тој го доставил се гледа само неговиот бес, омраза и политичка неукост.

Тој лажно ги претставува трите (односно сите) политички партии на Албанците во Македонија (ДУИ, Беса и Алијансата) како учесници во некој „заговор против македонските национални интереси„ и тврди дека отишле во соседна држава , кај премиерот на соседна Албанија и со него се договориле „како да ја уценуваат Македонија пред составот на нова влада„

Тој сега им објаснува на стратешките партнери дека таа платформа, која не беше спорна ниту за него ниту за Груевски додека Груевски преговараше за состав на влада, одеднаш е „постизборна платформа, усвоена во туѓа држава, во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава„

Нарекувајќи ја „тиранска платформа„ Иванов без да наведе ниту еден елемент од платформата ги убедува (и ги лаже отворено) големите државници дека „ Со платформата се загрозува сувереноста и незвисноста на државата, и дека со неа Република Македонија се доведува во положба на потчинетост или зависност према друга држава“.

Со ова тој директно ги обвинува сите партии на Албанците од Македонија, и Албанија заедно со премиерот Еди Рама за „загрозување на сувереноста и незвисноста на Македонија„.

Реализацијата на платформата, клевети Иванов,подразбирала промени на Уставот во Република Македонија,со кои би се загрозил унитарниот карактер на државата, а со неа се нарушувал и Охридскиот рамковен договор кој е познато дека беше истовремено и Мировен договор чие спроведеување е гарантирано од сите политички партии и од ЕУ и САД .

Познавајќи ја лудоста, недоговорноста и поданичкиот карактер на Иванов, јас не би се сомневал, дека по информирањето на светските државници за „загрозеноста на мирот, суверенитетот и незвисноста на Македонија,од страна на Албанија и на Албанците“ на Иванов во главата не му се мота и идеја за воведување на некаква воена состојба во Македонија само за да спречи мирна промена на власта. Тој всушност еднаш веќе изјави дека имал намера да воведе воена состојба кога СЈО започна со истрагите за криминалот на власта, но објасни дека тоа не го направил само „заради бегалската криза, војската во тој момент била зафатена на границата“. А бидејќи сега не е многу зафатена, тој сигурно размислува и за некој таков потег.

Убеден во тоа дека е се уште некаков авторитет во земјата па и надвор од неа, и вознесен од извиците дека „Господ ни го дал да ја одбрани Македонија„ во вакви тешки времиња, Иванов кој до сега бараше само од Заев да се откаже и да ја осуди платформата, во писмото бара: “оваа штетна платформа да биде јавно осудена од страна на Европската Унија,и НАТО и нивните земји членки. Понатаму очекувал да го осудат флагрантното мешање во внатрешните работи на Македонија од страна на два нејзини соседа( Албанија и Косово). И на крајот се заканува дека „отсуството на јавна осуда на платформата од Тирана од страна на меѓународната заедница, само ќе ги охрабрела сличните обиди во нашиот но во други региони во Европа.

Пишувајќи писма како обичен пропагандист на Груевски, Иванов не само што ја срами Македонија, туку и јавно на сите во светот им покажува колку знае заради својата заслепеност неуко да ги толкува работите во земјата.

Од неговото писмо, на секого му е јасно дека тој себе се издига на единствен бранител на независноста и суверенитетот на земјата, иако според Уставот тој има само ограничени надлежности, бидеќи Македонија е парламентрана демократија.

Прво.Тој има должност да го даде мандатот за состав на влада на било кое парламентрано мнозинство кое добило доверба од граѓаните на слободни избори. Никој нему лично не му доверил некаква „превентивна„ улога во системот и право на условување на партиите што имаат мнозинство со каква владина програма ќе излезат пред Парламентот. Да е така тој би имал право да ја поништи избирачката волја и со ова тој тоа и го прави и прв го крши Уставот а ги обвинува другите за такви намери.

Второ. Тој како и секој граѓанин има право да укажува на постоење на некаква „непријателска пропаганда„ јавно да отфрла неприфатливи идеи за него, но нема право да треска глупости од стилот „додека сум јас претседател и додека сум жив не го давам мандатот на лица кои не ми се допаѓаат„ иако ми е тоа должност според Уставот.

Трето. Дури и да се точни неговите произволни толкувања дека „новото параламентрано мнозинство„ на кое би му го доверил мандатот има намера да го промени Уставот, да ја загрози унитарноста , незвисноста и сл, тој нема овластувања тоа да го спречува на овој начин. Тоа не може да се случи со декларации и платформи. И тој тоа треба да го знае. Тоа може да се случи со Закон. Но ако некој закон загрозува такво нешто тој има овластување да не го потпише и да го врати во Собранието со сите образложение а Уставниот суд може да укине одредби од закон. Уставот не може да се промени без јавна расправа и без двотретинско мнозинство во Собранието. А имплементацијата на рамковниот договор, кој од 2001 година и е еден вид мировен договор меѓу Албанците и Македонците е гарантирана и од САД и од ЕУ како негови потписници. Затоа сите „наводни опасности„ од платформата се небулози на Иванов со кои само шири клевети, омраза и својата параноидност ни ја наметнува како состојба на духот во земјава.

Иванов практично им објаснува на странските државници, зошто тој решил свесно да ја злоупотреби својата службена должност и бара подршка од нив за кршењето на Уставот од негова страна зарди тоа што со тој незаконски и анти уставен чин ја бранел Македонија и го обезбедувал мирот во регионот.

Секој што малку се разбира од право и демократија ќе свати дека Иванов игра нечесна и валакана улога во овој момент.

Тој со својата постапка, го крши Уставот, ги понишува резултатите од изборите за кои тврди дека биле фер и демократски, и го поништува целиот напор на САД и на ЕУ за излегување од политичката криза.

Останува да се надеваме дека добро ќе го разберат што прави и што сака.

И веројатно ќе го прашаат: Ако зад платаформата на политичките партии на Албанците се кријат нивните вистински интереси за рамноправност, еднаквост и за владеење на правото, а не неговите носновани клевети и измислици, до кога тој мисли дека ќе може да го спречува нивното учество во власта. Што ако тие почнат со протести на 200 илјади граѓани за одбрана на Платформата, и како тој мисли тоа да го оневозможи. Што ако на повторени избори таа „постизборна платформа„ стане изборна платформа и за неа гласаат сите Албанци во Македонија? Дали Иванов и тогаш ќе рече дека нема мандат за македонска партија што ќе прифати такви барања.

Свесен ли е Иванов дека со неговата наводна одбрана на унитарноста, суверенитетот, незвисноста и Уставот, реално е влезен во реализацата на проект за етничка дискриминација преку злоупотреба на неговото службено овластување. А таа етничка дискриминација може да доведе до формирање на паралелна држава на Албанците во Македонија и до исчезнување на Македонија. Тоа во сите кривични закони е познато како тешко кривично дело со кое се загрозува мирот, стабилноста и иднината на земјата. И тоа кривично дело не застарува.

Со оваа атмосферана на ширење стравод Албанците заради некоја нивна заедничка изјава, Иванов го спречува фрмирањето влада.Поттикнува националистички протести на кои се извикува „Етнички чиста Македонија„ се фрлаат молотови коктели врз културни институции на Албанците и се напаѓаат „непријатеските новинарски екипи„ .Тој лично го онезвоможува конституирањето на Собранието и распишувањето на локаланите избори и Македонија ја остава без влада, без собрание и без локална власт. Во такви услови тој се прогласува себе си за единствена власт, едниствен бранител на некаква независност и унитарност на Македонија и на единствен кој ја сака Македонија за разлика од 700 илјади граѓани кои гласаа за партиите на кои не им доверува мандат за состав на влада. И бара да го разберат и подржат САД, ЕУ и НАТО, кажувајќи им јавно дека нивното апелирање на неговата мудрост удира во празно.

Останува да веруваме дека сите мирољубиви сили во Македонија и во регионот ја имаат прочитано целта на оваа криминална епизода на македонскиот претседател, и дека ќе изнајдат сили, со силата на аргументите да го победат аргументот на силата и насилството со која се заканауваат се уште Груевски и Иванов.

Поврзани новости