Писмо на задоволен студент од “Стив Наумов”: Условите се прекрасни!

by lali

Условите се прекрасни веќе долг период, но сега, сите граници се надминати. Ние сме почестени со сите човекови права, а надлежните се обидуваат да го променат тоа на уште подобро.

Да почнеме од бањите. Светлото е најнормална работа, бидејќи сијалици сега има секаде и работат. Многупати самите купуваме сијалици, ама ни остануваат зашто не знаеш кога се расипала а веќе ставиле нова. За тоа не им се заблагодарувам на студентите, туку на студентскиот дом бидејќи тие се должни да ни дадат сијалици кога ќе прегорат и тоа го прават беспрекорно. Што се случува кога среде ноќ прегори сијалицата а Вие учите за утрешниот испит? Доаѓа човек и ви ја менува, па макар било и два по полноќ. Потоа, тука се тушевите, кои практично се како во хотел А-категорија. Последниот пат кога се капев тоа го правев во џакузи бидејќи базенот со топла термална вода беше преполн.

Но, тоа не е се, уште поголем ќеф е мензата, која ја реновираа. Сите ние јадеме од таа менза, а и во бифето секогаш има доволно место и храна за секого. Доволно храна има и во продавницата. А, доколку забележите дека нешто било донесено во неа, не се чекаат огромни редици како порано за да купите барем еден производ, кој најверојатно нема да Ви биде доволен за да се прехраните.

Во собата имаме безброј бонови кои ги добиваме гратис секој месец, а не можеме да ги искористиме, затоа што храна има премногу. Пари не мора да трошиме отстрана како некогаш за да преживееме. Јадеме исклучиво во домот затоа што е најдобро и најквалитетно.

Ова не се единствените придобивки со кои се стекнавме ние во „Стив Наумов“ благодарение на Владата на РМ. Но на останатите веќе се навикнавме. Стопати се фалевме за нив. Затоа, решив да Ви пишам за она што е најново овде и кое прави да се чувствуваме дека живееме како принцови и принцези, не како обични луѓе. Се надевам дека некој ќе го прочита писмово и ќе направи нешто во врска со поддршката на оваа власт ба следните избори.“

П.С.
Мартин,ѕирни дали е ок ова и да го пуштам по медиумите. Да не претерав со џакузито? Ќе потпишам некој што не е член на УМС. И те молам пиши до каде ми е вработувањето во “Македонски шуми”, да дојдам до некој денар за стан под кирија, не се издржуе веќе во Стив. Поздрав шефе и само напред, Македонија веќе не запира, да ги згазиме комуњарите!!!

Ти го враќам и оригиналниот текст што го пишал некој претпоставувам член на подмладокот на ездеес, чисто да ги видиш измените што ги направив:

„Го пишувам ова писмо бидејќи сум очаен. Јас сум студент и сум сместен во студентскиот дом „Стив Наумов“. Состојбата за живот таму е нечовечна. Условите се ужасни веќе долг период, но сега, сите граници се поминати. Ние сме лишени од многубројни човекови права, а никој не се обидува да го промени тоа.

Да почнеме од бањите. Светлото е вистински луксуз бидејќи сијалици нема. Многупати самите купуваме сијалици за утрешниот ден да видиме дека ги нема. За тоа не ги обвинувам студентите, туку студентскиот дом бидејќи тие се должни да ни дадат сијалици кога ќе прегорат, а ние мора да купуваме сами. Што се случува кога среде ноќ прегори сијалицата а Вие учите за утрешниот испит? Потоа, тука се тушевите, кои практично ги немаме. Последниот пат кога се капев тоа го правев со црево бидејќи слушалката беше извадена.

Поголем проблем е мензата, која ја затворија поради реновирање. Сите ние јадевме од таа менза и во бифето нема доволно место, ниту храна за секого. Доволно храна нема ниту во продавницата. А, доколку забележите дека нешто било донесено во неа, подгответе се да чекате огромни редици за да купите барем еден производ, кој најверојатно нема да Ви биде доволен за да се прехраните.

Во собата имаме безброј бонови кои ги плаќаме секој месец, а не можеме да ги искористиме. Пари трошиме отстрана бидејќи мора да преживееме. Јадеме секаде освен во домот, иако тоа треба да ни биде обезбедено.

Ова не се единствените проблеми со кои се соочуваме ние во „Стив Наумов“. Но на останатите веќе се навикнавме. Стопати се пожаливме за нив и не се случи ништо. Затоа, решив да Ви пишам за она што е најново овде и кое прави да се чувствуваме дека живееме како животни, не како луѓе. Се надевам дека некој ќе го прочита писмово и ќе направи нешто во врска со нашата ситуација.“

Поврзани новости