Пино ќе биде погребан во Италија, мајката со прашање до осомничената девојка

by Fokus

Пинета Секондо – Пино, дваесет и шестгодишното момче кое беше свирепо убиено, ќе биде погребано во Италија. Неговата мајка Маја Трпковска, која што долги години живее и работи во Италија се враќа во земјава во понеделник.

Во изјава за ,,Фокус“ таа раскажа дека се уште не се знае точниот датум на погребот, и како целото семејство е во многу лоша состојба по последните вести.

-Што можеме да кажеме сега? Јас, помалиот син, сопругот, сите сме за никаде… Во понеделник доаѓам во Скопје, не знаеме уште кога ќе биде погребано нашето дете. Во Скопје ќе се одржи служба во Католичката црква, но Пино ќе биде погребан во Италија – вели мајката.

Пино беше пријавен за исчезнат уште од декември, минатата година. Мајката лавовски се бореше да докаже дека на нејзиното дете му се случило нешто лошо, дека не е побегнат од дома, дека никогаш не бил проблематичен. Апелираше до МВР за ажурност, бараше да биде сфатена сериозно. Уште на самиот почеток тврдеше дека девојката А.Ѓ. со која се видел Пино пред да исчезне знае што се случило со него.

Според МВР, поднесена е кривична пријава против истата девојка и против уште едно лице, маж со иницијали Ф.А. на 27-годишна возраст. Тој бил во бегство и е недостапен за органите на прогонот.

-Девојката за која зборував уште од самиот почеток, од Ѓорче Петров, таа која последна го видела Пино, за која се сомневав целото време, таа е осомничена со уште едно лице. Ја ставија и на полиграф, но и полиграфот го измамила. Би ја прашала само, што монструм е? Од мајка ли е родена или од ѓавол? – вели неутешната мајка.

Според Сашо Рајчев, шеф во скопското обвинителство, отворена е истрага за едно, а пријавени се две лица.

-Во зависност од текот на истрагата дополнително ќе се одлучи за второто лице, односно за девојката – изјави вчера тој за ,,Фокус”.

-Разговарав со девојката неколку пати по исчезнувањето на Пино, мајка сум, нормално дека ќе ги барам одговорите, сакав да ги знам сите детали – ни раскажа мајката набргу по исчезнувањето на Пино – таа последна го видела, имав многу прашања за неа. Која мајка не би имала? Но, откако неколку пати ми кажа дека не знае ништо и како Пино и рекол дека ќе си оди дома, таа ми го блокираше телефонскиот број. Не сакаше да разговара повеќе со мене – ни изјави Маја уште на почетокот на годината. Денес, таа се заблагодари на сите добри луѓе кои биле покрај неа, на сите кои сочувствувале со нејзината болка, и на редакцијата на ,,Фокус”.
-Им благодарам на сите за поддршката, посебно сум и благодарна на редакцијата на ,,Фокус” која постојано известуваше за случајот, од самиот почеток. Ќе се борам да победи правдата – вели Трпковска.

Осомничениот, 27-годишен жител на Скопје, делото убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик го сторил на 11 декември 2018 година, околу 2 часот, откако претходно се сретнал со сега починатиот. Тие заедно со патничко моторно возило „опел аскона“ пристигнале во атарот на село Арачиново во Скопје. Осомничениот извадил огнено оружје – пушка и го застрелал оштетениот во пределот на главата. Од нанесените повреди Секондо веднаш починал. По стореното дело, во обид да се скријат трагите, телото на починатиот било пренесено во село Љуботен, каде е оставено во дупка и покриено со ќебе. Осомничениот се дал во бегство и во моментов е недостапен за органите на прогонот – е информацијата од обвинителството.

Вики Клинчарова

Поврзани новости