Пиеле ракија, го обвинил дека му го украл мобилниот и го претепал до смрт

by Fokus

Во семејниот дом во Гевгелија вчера е убиен 41-годишниот Б.Р., а кривична пријава е поднесена против двајца, едниот што го извршил убиството, а другиот за помагање, информираа од МВР.

Според документираните сознанија од истрагата, констатирано е дека К.И. завчера вечер (20.11.) некаде меѓу 21,00 и 22,00 часот дошол во семејната куќа на Р.К. во Гевгелија, каде ги затекнал второпријавениот и жртвата Б.Р. (41) од Гевгелија. При тоа, извадил шише ракија и заедно почнале да пијат. Во еден момент настанала вербална расправија во која К.И. го обвинил Б.Р. дека му го украл мобилниот телефон. По ова, К.И. најпрвин со употреба на физичка сила му нанел на Б.Р. удари во пределот на лицето, а потоа во континуитет продолжил да му нанесува  физички удари во пределот на главата.

Откако Б.Р престанал да дава знаци на живот, К.И. и Р.К. прво го преместиле телото во друга просторија, а потоа Р.К. со умисла се обидел да ги прикрие трагите од кривичното дело. Вчера, поради основи на сомневање за сторено кривично дело – “убиство“ К.И. и Р.К. се лишени од слобода и однесени во ПС ОН Гевгелија.

По наредба на јавниот обвинител, телото на жртвата е дадено на обдукција во судска медицина. Од страна на судија на претходна постапка на пријавените им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена.

Поврзани новости