Петтоделенецот Ване се искачи на Кораб: Ги видовме сите годишни времиња во еден ден

by Fokus

За време на викендот, десет годишниот планинар Ване Бошев од Неготино го искачи Кораб, подвиг за кој што неговиот татко Орданчо раскажува дека бил еден од понапорните, поради лошите временски услови.

Според него, во тек на еден ден, ги виделе сите годишни времиња, односно од сончеви услови, минале и низ магли, силни ветрови, град, дожд и мраз.

,,Во мошне лоши услови Ване денес успеа да го искачи Кораб. Ги видовме сите годишни времиња во еден ден. Тргнавме со ситен дожд, ветар, па сонце. На средината на патот не зафати магла. Пред врвот веќе газевме по мраз, имаше силен ветар, град, тешка и густа магла… Ване не се предаде, но жал ни е што поради лошите услови на врвот не успеавме да направиме фотографија за спомен. Паѓаше премногу град, ветриштата беа силни’’ – вели гордиот татко.

Традиционалната акција на искачување на Кораб била во организација на ПД Кораб и учествувале околу 400 планинари. Планината Кораб се наоѓа во Западна Македонија, на границата со Албанија. Има повеќе врвови со над 2000 метри надморска височина. По враќањето од Кораб, Ване веќе се подготвувал за следниот подвиг.

Во тек на овој месец, ќе го освојувал врвот Ботра на Беласица, кој се наоѓа на 1875 метри надморска височина. Малиот планинар ги започнал своите подвизи со неполни три години, заедно со неговиот татко. Досега се има искачено на голем број на познати планинаски врвови и има освоено многу награди и признанија. Летово се искачи на Олимп, во соседна Грција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости