Петтиот сет антикризни мерки се врати на дневен ред во Собранието

by Fokus

Законите од петтиот пакет антикризни мерки денеска се на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет и на Законодавно-правната комисија, откако вчера двете опозициски коалиции, на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса/ Алтернатива, најавија повлекување на амандманите со кои беше блокирана процедурата за донесување на оваа регулатива, но и на Законот за државјанство.

Закажани се две седници на Комисијата за финансирање и буџет, а на дневен ред се предлог-законите за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност и за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза заради исплата на платите за февруари и март, како и измената на Законот за данок на личен доход, сите во второ читање.

На втората седница, членовите на Комисијата за финансирање и буџет треба да разгледаат повеќе предлог-закони, меѓу кои за за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници во второ читање и предлог – закон за изменување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, исто така во второ читање.

Пред членовите на Законодавно-правната комисија се повеќе точки, меѓу кои и предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата заради заштита од илегална миграција и заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија.

Комисијата за финансирање и буџет, на 25 март, ја прекина седницата на која требаше да бидат разгледани законите што произлегуваат од последниот сет антикризни мерки, откако Алијанса/Алтернатива поднесе илјадници амандмани.

 

Поврзани новости