Петта колона

by fokus 14:04
14:04

Текстот е објавен на 18-ти ноември 2016-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 1102

Пишува
Гордана ПОПСИМОНОВА

- Advertisements -

Шпанскиот генерал Емилио Мола, во пресудните денови на Шпанската граѓанска војна, се обратил до жителите на Мадрид со изјава дека „Петтата колона“ (Quinta columna), онаа меѓу граѓаните, ќе биде дополнување и поддршка на неговите четири воени колони со кои веќе навлегувал во главниот град на Шпанија.

Ернест Хемингвеј, во тоа време воен известувач, подоцна ќе напише драма со ист наслов. Од тогаш некаде, изразот „Петта колона“ ќе стане синоним за непријателска активност на поединци или групи, кои јавно се претставуваат како поддржувачи на една опција, а тајно, прикриено или зад грб, работат против истата.

Иако најчесто се користи во контекст на вооружени судири, се однесува и на лица и/или организации во редовите на едната спротивставена страна, кои ги помагаат непријателите преку разни субверзивни активности, со цел ослабнување и деморализирање на „своите“ сили. Не случајно ги употребив наводниците. По правило, петтоколонашите ги сметаме за свои блиски, за свои истомисленици или за свои соборци, а тие се претставуваат или се однесуваат како такви. А не се.

Не се такви и оние многубројни македонски опсерватори, темелни набљудувачи, жестоки навивачи, длабоки аналитичари и „анализатори“, та дури и мрчатори, кои себеси се нарекуваат опозиција. А, всушност, прават сериозни сопки во соборувањето на режимот. До ниво на хистерија им пречи наивноста на Заев, ги нервира фризурата на Шекеринска, ги распаметува превртливоста на Лилјана Поповска. Го почитуваат Генералот, ама штом е со Војводата и тој бил бугарофил.

Тврдат дека Кекеновски не смеел да оди со Трајанов и обратно, а дека е Богоевски удбаш, краде, можеби и има вошки. Ја сакаат Левица, ама не денес и не ваква. Ги иритираат кандидатските листи на СДСМ, а уште повеќе ги иритираат оние кои се изиритирани од листите… каде да застанам? И тоа било нивно демократско право. Впрочем, и петтоколонашењето е нечие демократско право.

НЕКОЈ МЕЃУ НАС НЕ Е НАШ

Неверојатно е колку успеваме да се дискредитираме и да ги покажеме најниските страсти, завидливост и злоба, и тоа токму во моментите кога ни е најпотребно единство за промена на власта, за која сите сме согласни дека е класичен мафијашки режим. Режим кој знае само за манипулација и терор, за заплашување и поткуп, за протекционизам и за бескрупулозно крадење народни пари.

Имаме пред себе еден монструм, кој фатен во стапицата на своите лаги, е подготвен на сѐ. Од него не очекувајте милост, зашто ако остане на власт и по 11 декември, ќе се одмаздува, ќе апси, ќе брка од работа, ќе протерува од земјата, ќе растура семејства, ќе уништува човечки судбини, ќе ја доразграби државата. Тој и таков режим елегантно, мазно и педантно мора да се победи на избори, а потоа сите негови „придобивки“, една по една да се демонтираат за работите колку-толку во некој нареден период да може да се постават на нозе.

Го пишувам ова во моментот кога кандидатските листи за пратеници веќе се предадени во Државната изборна комисија и на само три дена пред официјалниот старт на изборната кампања. И кога во сето она што се нарекува опозициски блок, особено на социјалните мрежи и на интернет-порталите, се разгорува вистинска војна до себеистребување.

Не се избираат зборови, квалификации и навреди за да се докаже и покаже кој е позаслужен првоборец во демократските процеси, кој е поблизок до СДСМ, кој е поверен на Заев или со еден збор – кој е полојален на сопствената гордост. А тоа не води никаде.

Пардон – води, ама до едно сеопшто деморализирање на до вчера бунтовните граѓани, кои во бранови маршираа низ македонските градови со слобода и правда на усните. За што? За на 11 декември да се соочиме со апстиненција на огромен број цивилизирани и опозициски настроени луѓе, огорчени од гнилежот на македонската слободоумна идеја?

Е, па да ви кажам: ќе се соочиме, само ако продолжиме вака, бидејќи само на Груевски и неговите сервисери од општинските и месните комитети на ДПМНЕ им одговара ниска излезност.

Знам дека на некои ликови од Шарената револуција им се повредени суетите што не се на партиската листа на СДСМ, како што знам дека СДСМ повлече серија контроверзни потези во делот на окрупнување на опозицискиот блок.

Ама, исто така, знам дека мојот (и на многу мои пријатели) идеализам во желбата за создавање масовна коалиција од сите субјекти кои се против режимот, испадна дека е невозможна мисија од безброј аспекти. Дефинитивно, разликите се преголеми, а уште поголеми се суетите на лидерите, нивните желби и нивната самопреценетост.

Ова што се изроди како краен резултат изгледа е единствената можна солуција, која, доколку целосно се стави во погон и ги активира сите свои ресурси, ќе го урне режимот. Во тоа немам дилеми.

Немам дилеми и дека се соочуваме со клучниот предизвик во нашата понова историја, а тоа е како да се отарасиме од злото наречено груевизам. Во таква ситуација, мојот влог е мојот збор, мојот углед, мојата чест и мојата личност, а не мојот паричник, мојата пратеничка (политичка) кариера, моите нереализирани желби и мојата суета. Ако сме согласни дека водиме праведна битка, дека сме на вистинската страна на барикадите, дека ние сме добрите, а тие лошите, тогаш без ситничарење, молам. Барем до 11 декември.

НЕ ИГРАМЕ ТАКА, ДЕЧКИ

Не ми е целта да морализирам или да делам ум што и како треба да се направи во вакви пресудни моменти кога мора да се мери секој збор, да се промислува секој чекор и да се планира секој потег. Едноставно поаѓам од фактот дека Груевски успеа да наметне една негова слика, реалност или, пак, амбиент, на кој се прилепуваат многу луѓе. Со тоа е воспоставена една драматична поделба меѓу граѓаните на Македонија на „нас“ и „нив“, до граница кога меѓу нас и нив има непремостливи разлики, кога веќе не можеме да се согласиме буквално за ништо.

Тие се воодушевуваат на неговите идеи, проекти и решенија, а за нас тоа се само празни зборови и лажни ветувања. Тие воскликнуваат од радост на секоја негова дума за благосостојба, а ние гледаме дека секој ден сме сѐ посиромашни, тие ја бранат неговата фотелја, а ние бегаме од државата. Многумина од нас кои јавно им се спротивставиле, завршиле во затвор, други биле избркани од работа, а трети биле оцрнувани од нивните медиумски слуги и пропагандисти. За нив изборите се легитимација на окупацијата, а не само една од алатките на демократијата, за нив власта е втерување на нивната волја, а не сервис на нашите потреби.

Во една таква ситуација, кога зад нив стојат пари, моќ, влијание, полиција, судии, обвинители и маалски тепачи, а ние се имаме само самите себеси, како и вербата и желбата дека само преку избори ќе ги симнеме од нивните облаци, не треба да има импровизации. А уште помалку брмчења за некакви кадровски решенија за пратенички листи, а најмалку, пак, напаѓање и плукање по останатите опозициски партии кои одлучиле да настапат самостојно.

Според мене, не се работи само за солидарност во сплотувањето околу заедничката цел, туку и во впечатокот. Не смееме да заборавиме дека секој од нас, со јасно издиференцирани антирежимски ставови, било како опозициски активист, било како колумнист, аналитичар, јавна личност или кој било што познава повеќе од десет луѓе, има мисија да каже и покаже дека работите можат да се сменат на подобро.

Она што ние ќе го нацртаме како слика, ќе го соопштиме како став, или ќе го оформиме како идеја, треба да биде иницијалната каписла што ќе ги помрдне луѓето од место. За конечно да излезат од матрицата дека сите политичари се исти, дека само се борат за гола власт и дека нивниот глас нема да донесе никаква подобра иднина.

Затоа дами и господа мрчатори, брчатори, фрчатори и ним слични оратори, имајте малку чувство за значењето на моментот и за важноста на нашата заедничка улога. Можеби работите не се такви какви што сакавме да бидат, можеби личностите не се тие што ги замислувавме и можеби одредени изјави не се рамништето што го очекувавме. Имајте предвид дека нашиот политички ривал нѐ гледа како непријатели и секое наше внатрешно искрење претставува неговата петта колона во нашите редови.

Нека почне кампањата.

Поврзани новости