Петровска: Без ветинг, ни власта, ни опозицијата не можат понатаму

by fokus

Мислам дека се наоѓаме во ситуација во која веќе и на власта и на опозицијата им е јасно дека без ветинг не би можело да се продолжи понатаму, особено сега кога довербата во правосудството опаѓа, вели извршната директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“, Натали Петровска во разговор за „Фокус“. Таа смета дека во нашиот контекст при проверка на судиите и обвинителите не би смееле да ги изоставиме и проверките во насока на утврдување релации на носителите на овие функции со политички, партиски и бизнис структури

Како ги коментирате најавите на власта за ветинг на судиите и обвинителите, дали е потребен ветинг и дали може да се спроведе кај нас?

– Најавата за ветинг на судиите и обвинителите во нашиот правосуден систем впрочем и не е нова идеја. За ова се дискутираше и пред три години, но, меѓународната заедница, поучена од искуството на соседна Албанија, во тој временски период не одобруваше чекор во тој правец. Но, имајќи предвид дека ниската доверба на граѓаните во правосудството, воопшто, не е унапредена во изминатиов период, токму напротив, истата е опадната, а сега веќе после актуелните случувања со покренување на обвиненија против носители на јавнообвинителски функции, го има и својот зенит, неопходно е да се пристапи кон еден ваков сложен процес кој несомнено ќе остави белег во македонското правосудство. При тоа, треба да се имапредвид дека се работи за комплексен и обемен процес, кој би траел најмалку 2 до 3 години, би изискувал сериозни политички и професионални заложби и подготвеност од страна на сите засегнати надлежни институции во државава да пристапат кон истиот максимално професионално и совесно, особено имајќи ги предвид досегашните искуства во соседството.

Според Вас, кој е најприфатлив модел за прочистување во судско-обвинителските редови?

-Со оглед дека процесот на ветинг треба да биде индивидуализиран односно да биде адаптиран врз основа на општествените околности и контекст на земјата во која истиот се спроведува, секоја земја креира свој систем/модел на ветинг. Погрешно би било ако пресликаме некој од веќе спроведените и прифатени модели од страна на други земји, кај нас, бидејќи станува збор за специфично прашање кое се разликува од држава во држава. Единствена заедничка работа, што ја имаат државите во кои досега е спроведен ветинг е фактот дека истите подлежат на темелни реформи во правосудниот систем.

Што треба да биде пресудно при ветингот?

– Во секој случај, сметам дека во процесот на „проверка“ треба особено да се земат во предвид – професионалната компетентност изразена преку интелектуалниот капацитет, квалитетот на правно расудување, суштинско и процесно познавање на законите, интегритетот изразен преку докажана и конзистента практика на чесни и високи морални вредности, како во професионалниот, така и во приватниот живот, почитувањето на професионалните должности, утврдени во кодексот за судиско однесување, правичноста на индивидуата, изразена преку докажана способност да се биде непристрасен спрема сите лица, посветеноста на еднаква правда за сите согласно законите, како и отвореност, но пред сè и капацитет да се одлучува за сите прашања согласно закон, дури и во услови кога истиот е во спротивност со личните ставови. Понатаму, исто така важно е и правното искуство на судиите и обвинители кои би биле подложени на процесот на ветинг. Ова во насока на обемот и опфатот на правното искуство, како и соодетствувањето на тоа искуство со позицијата за која што истиот е избран, но и докажаната посветеност на јавната служба во поглед на подобрување на пристапот до правосудниот систем.

Која е клучната алатка без која ветингот не би можел да биде успешен кај нас?

-Во изминатиот период бевме сведоци на именувања на судии и обвинители во крајно нетранспарентни и непрофесионални процеси, како и процеси на избор во кои не секогаш најдобро рангираните кандидати ја имаа можноста да бидат избрани и именувани. Меѓутоа, во нашиот контекст не би смееле да ги изоставиме и „проверките„ во насока на утврдување релации на носителите на овие функции со политички, партиски и бизнис структури, нивното влијание врз истите, како и  имотната состојба на лицата кои би биле подложени на ветинг (вклучително и на нивните блиски роднини) без оглед дали станува збор за имот со кој се стекнале во државава или во странство. Да не заборавиме, кај нас се уште постојат случаи на судии кои преферираат да ја платат прекршочната санкција за неподнесување на анкетен лист, отколку да ја откријат својата реална имотна состојба.

Дали сте запознати со ветингот во земјите од регионот, колку е тој успешен?

-Колку што мене ми е познато, во регионов единствена земја која што пристапила кон процес на ветинг во правосудниот систем е Р.Албанија. По отпочнувањето на процесот на ветинг во Албанија, голем број на судии, обвинители и судски службеници одбија да го пријават својот имот и наследство за верификација. Голем дел од судиите и обвинителите се повлекоа од функција со образложение дека би сакале да направат промени во кариерата, некои упатуваа на „здравствени причини“ и сл. , сè со цел да не бидат опфатени со овој процес, бидејќи и самата регулатива по однос на ова прашање остава можност за повлекување на лицата предмет на ветинг. Во 2017 година, еден судија во Уставниот суд и пет судии во Високиот суд одбраа да се повлечат од функција пред самото истекување на нивниот законски мандат, токму пред пензионирање, но имаа обврска да останат на функција сè до назначувањето на нивните наследници, а со тоа и согласно системот на приоретизирање на лицата кои се проверуваат, да подлегнат на процесот на проверка. Откако комисијата која го спроведуваше процесот започна да ги спроведува првите истраги, двајца од највисоките припадници на правосудството(судија на Уставен суд и Јавен обвинител) се повлекоа од функција и побараа прекинување на проверката. Како резултат на овој процес, еден судија во Уставниот суд беше разрешен во март 2018 година, разрешен беше и еден судија од Апелациониот суд, како и тројца судии по донесувањето на правосилна осудителна пресуда против нив. Дополнително, пет судии беа суспендирани како резултат на кривични истраги покренати против нив, а суспендирани беа и тројца судии во Апелациониот суд во Драч (едниот од нив Претседател на судот) врз основа на барање од Обвинителство за гонење сериозен криминал, кое води кривична истрага против нив за злоупотреба на службената должност. Од ова генерално може да се извлече заклучокот дека испразнети се многу судиски места, па сега Албанија има проблем со нивното пополнување.

Дали постои опасност, после ветингот и ние да останеме без судии?

Токму тоа е една од тезите од кои се плашат и домашните власти. Но, треба да се има предвид фактот дека Р.С.Македонија, според моменталниот број на судии, е високо над поставениот европски просек за број на судии по глава на жител и предмети, што претставува предност при еден ваков процес, но и фактот дека Академијата за судии и јавни обвинители веќе има нова генерација на кандидати, кои кога би го завршиле овој циклус на нивна професионална надградба и услов за влез во судството и обвинителството во следните две години, државата би имала и соодветна бројка на ново квалификуван кадар кој би можел да биде именуван. Во секој случај, не треба да нè плаши и обесхрабрува фактот дека резултатот од ветингот би била негативна оценка за сите судии и обвинители. Тоа не е ни возможно. Се работи за процент од носители на овие две функции кои не е доминантен во однос на вкупниот број и кој доколку има потреба да биде заменет, сметам дека не би имало проблем во обезбедување на соодветен и професионален кадар. Сепак, впечаток за неквалитетот и непрофесионалноста на судиите е базиран на група на индивидуи, истиот не претставува генерална оценка за сите судии и не би било благодарно да се водиме од таа идеја.

Со оглед на политичките констелции, дали ваквите најави како реизбор во судството и обвинителството или сега ветинг, може да се квалификуваат само како предизборна кампања?

-Мислам дека се наоѓаме во ситуација во која веќе и на позицијата и на опозицијата им е јасно дека без овој процес не би можело да се продолжи понатаму. Без оглед дали ќе настапи промена на влста или не, ниту една политичка структура во државава која би го добила мандатот на следните избори, не би можела да придонесе кон зголемување на довербата на граѓаните во правосудството, ако не ја преземе оваа мерка. Сметам дека и самите тие се свесни за ова и затоа, идејата за ветинг во овој момент која дојде од Министерството за правда, а која на суптилен начин наиде на поддршка и од опозицијата, е тема која е сè поприсутна во јавноста.

Фросина Факова-Серафиновиќ

 

 

Поврзани новости