Петличковски: Не e лошо вакцинираните со „Спутник В“ да примат бустер доза „Фајзер“, иако нема многу истражувања

by Fokus

Лекарите се задоволни од интересот за трета-бустер доза, за кратко време аплицирани се околу 6.000 вакцини од производителот „Фајзер“, но сепак граѓаните кои примиле од вакцината „Спутник“ се во недоумица дали има потреба да примат трета доза и тоа токму од производителот на „Фајзер“.

Експертите и стручните членови на Националната комисија за имунизација препорачаа третата доза на вакцина да биде базирана на технологијата на мРНА, како што се произведени вакцините од компаниите „Фајзер“ и „Модерна“, односно, кај нас од производителот „Фајзер“. Истото важи и за оние кои примиле од вакцината „Спутник В“,  третата доза можат да ја примат по шест месеци од втората.

Слична е и одлуката на српските власти, но и на повеќето земји на Балканот кои одобрија трета доза за населението.

-Оправдана е одлуката за давање на трета доза од вакцината на „Фајзер“, кај граѓаните имунизирани со кинеските вакцини „Синовак“ и „Синофарм“, бидејќи кај нив значително опаѓа имунитетот. Но, и од останатите вакцини со сигурност по шест месеци опаѓа имунитетот, а тоа во голема мера не може прецизно да се измери. Затоа сметам дека е потребна токму таа трета доза, како за ризичните категории така и за целото население. Околу вакцината „Спутник В“ нема многу истражувања кои покажуваат каква би била комбинацијата со други вакцини,  во случајов во нашата земја со „Фајзер“, но постојат голем број утврдени истражувања кои укажуваат дека комбинацијата на различни вакцини дава подобар имун одговор, појаснува професорот Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија за „Фокус“.

Сепак според него тоа не значи дека и кинеските вакцини, како и останатите, не штитат од тешка форма на болест и смрт, но не може да се даде конечна дефиниција која комбинација на вакцини е најдобра.

-Според мене по шест месеци од примени две дози на вакцина или прележан ковид не е лошо да се прими трета доза, тоа важи и за „Спутник В“. Исто така мојот став е дека некој што прележал ковид и примил две дози вакцина, може да почека и да даде предност на оние кои не се имунизирани, дополни Петличковски.

Институтот за имунологија започнал сеопфатна студија која ги опфаќа сите хоспитализирани пациенти за да се утврди степенот на заштита со вакцините. Сепак, според него, главен проблем и натаму останува фактот дека голем дел од населението одбива да се вакцинира против ковид-19 и порачува дека треба да се посвети повеќе внимание да се надмине оваа состојба.

„Спутник В “во моментов се користи во повеќе од 60 држави, вклучително и во Унгарија и Сан Марино, но не е одобрена во ЕУ. Европската агенција за лекови (ЕМА) во март започна испитување на вакцината, но оценката се одложува поради недостаток на податоците од производителот иако оваа векторска вакцина според многу истражувања се покажа како ефикасна.

-Нашата земја, годинава склучи договор за набавка на вакцини од производителот „Спутник В“. Треба да добиеме 97.000 вакцини од прва компонента и 97.000 вакцини од втора компонента од овој прозиводител. Се прави проценка кога ќе бидат повлечени овие колични на вакцини. Граѓаните кои се вакцинирани со вакцината на производителот „Спутник В“, трета доза вакцина може да примаат по шест месеци од ревакцинација. Согласно препораките на Националната комисија за имунизација, третата доза вакцина треба да е мРНА вакцина, а такви вакцини се „Фајзер“ и „Модерна“. Во нашата земја, мРНА вакцина имаме од производителот Фајзер, одговорија од МЗ за „Фокус“.

Тие не појаснуваат зошто Националната комисија за имунизација ја одбрала токму вакцината „Фајзер“, и ги демантираат шпекулациите дека истекува рокот на овие вакцини па затоа се нудат на населението, бидејќи тие важат до јануари и февруари 2022 година.

Заклучно со петокот вкупно се вакцинирани 800.718 граѓани, ревакцинирани се 767.800. Главен проблем и натаму останува фактот дека голем дел од населението одбива да се вакцинира.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 проценти од граѓаните над 18 години.

Соња Танеска

 

 

Поврзани новости