Петковска: Државата систематски им прави проблеми на новинарите

by Fokus

Има систематска негрижа од институциите за тоа дали новинарите имаат услови за работа. Од друга страна, дел од институциите изминативе години систематски оневозможуваат нормална работа на новинарите, вели Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Според неа, најдобар доказ за тоа колку државата се грижи за заштита на новинарите е неодамнешната пресуда на Судот за човекови права во Стразбур, кој во пресудата Селмани и други против Република Македонија, јасно пресуди во корист на тужителите и потврди дека државата не успеала да го гарантира правото на слобода на изразување и правото на фер судење на новинарите коишто на 24 декември беа брутално избркани од Собранието.

„Слична епизода се случи и овојпат на 27 април, неодамнешните нереди во Собранието, кога повторно новинарите беа физички нападнати, додека ја извршуваа својата работна задача и тоа во институција во која во секоја нормална држава треба да претставува храм на демократијата или место кадешто новинарите треба да уживаат максимална слобода во својата работа“, вели Петковска.

Таа додава дека се работи за еден системски проблем и една систематска негрижа од страна на институциите за тоа дали новинарите имаат или немаат услови за работа.

„Од друга страна, она што Македонија ја издвојува како еден специфичен пример е тоа што дел од институциите на државата, систематски изминативе години, самите директно или индиректно многу често донесуваат оневозможување за нормална работа на новинарите, известување од одредени институции, одредени настани, и самите всушност продуцираа проблеми или беа директно вклучени во инсценирање на таквите проблеми“, вели Петковска.

Таа додава дека стечајната постапка за најголемата издавачка куќа МПМ е длабоко вознемирувачка, бидејќи, со оваа одлука се згаснаа два исклучително важни печатени медиуми.

Поврзани новости