Петиција за спас на лозарството во Тиквешијата

by Fokus

Регионалното здружение ,,Напредни лозари”, изминатите денови во Тиквешијата собираше потписи за петицијата – Спас за лозарството. Потписите се собираа на градскиот плоштад во Кавадарци и Неготино, а петицијата беше отворена не само за лозарите, туку и за сите останати граѓани кои сакаат да ја дадат својата поддршка.

-Да се подготви закон за лозарство, повисоки откупни цени, олеснување на процедурите при извоз на грозје, наоѓање на начини за прибирање на грозјето се само дел од барањата наведени во петицијата.

Во прилог, целата содржина на петицијата КРИЗНИОТ ШТАБ на РЗ ,,Напредни Лозари“ обзнанува ПЕТИЦИЈА: СПАС ЗА ЛОЗАРСТВОТО со следните барања:

1.Тиквеш АД итно да ги корегира неразумните откупни цени на вранецот објавени на 30.08.209 година во разумни и за лозарите прифатливи. Истото важи и за објавувањето на цените на смедеревката во иднина;

2. Владата да ги впрегне сите сили, влијание и моќ, да ги искористи сите владини правни и други алатки кои и се на располагање да ги вразуми неразумните одлуки големите откупувачи да ги корегираат цените како во точка еден на оваа петиција. Во спротивно да ги санира огромните штети кои ќе настанат со најавените цени; Покрај тоа, Владата итно да подготви и процесуира закон за лозарство и грозје, кој ќе ја третира само проблематиката на лозарството со акцент на дефинирање на заштитни откупни цени и изнаоѓање на алтернативни можности за прибирање на грозјето, пред се со либерализација на пазарот со соседните држави и олеснување на процедурите за извоз на грозје. Со овој закон покрај останатото, да се прецизира, под мониторинг на Владата, регулирање на правно и реално издржани кооперантски односи помеѓу производителите и откупувачите на краткорочен, среднорочен и долгорочен план. Во подготвувањето на законот задолжително да бидат вклучени претставници на лозарите кои ќе ги номинира Здружението;

3. Локалните самоуправи на Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман на чело со градоначалниците и сите членови на советите на наведените општини, безрезервно јавно да ги поддржат и да застанат зад барањата на лозарите. Доколку не се вразумат откупувачите, од буџетот на општините исто така да се санираат дел од штетите кои ќе настанат со ваквите откупни цени;

4. Доколку Тиквеш АД не ги корегира цените како во точка 1 на оваа Петиција, во име на хуманоста и нашата идна заедничка соработка, ги повикуваме сите останати винарии и откупувачи на грозје да се солидаризираат со лозарите и да не ги поддржат од Тиквеш најавените нехумани откупни цени. Цените да ги приспособат кон реалните можности и да се подготват и за прием на количините грозје кои нема да бидат предадени во Тиквеш АД. Ги повикуваме сите лозари и слободоумни граѓани со својот потпис да ги поддржат барањата во оваа ПЕТИЦИЈА и со тоа ја делегираат нивната доверба кон нас, која доверба за нас претставува единствен кредибилитет и легитимитет во нашите понатамошни можеби и порадикални потези за спас на лозарството. Без Вас и вашиот потпис ќе изостане потребната моќ да се спротивставиме на злото кое ги снајде Тиквешијата и лозарството. Ви благодариме за довербата, Срдечно и искрено Ваши Регионално Здружение ,,Напредни Лозари“- наведено е во петицијата која беше отворена до доцна синоќа.

Од здружението најавија дека по затворањето на петицијата ќе уследат дополнителни мерки и инструкции кон лозарите и сите кои ги поддржуваат. Порачаа дека од настанот ги исклучуваат политиката и партиските интереси и се оградуваат од истите. Традиционално со години наназад, во очи на самиот гроздобер, лозарите се соочуваат со истите проблеми. Откупните цени се соопштуваат на самиот почеток на бербата, па за да не им остане грозјето, тие се принудени да го предадат по цени кои ги диктираат винариите. Минатиот петок на градскиот плоштад во Кавадарци се одржа мирен протест на лозарите. Тие порачаа дека од винариите бараат 16 денари за килограм смедеревка и 18 денари за килограм вранец. Доколку не им се излезе во пресрет, најавија порадикални протести.

Поврзани новости