Петар Шапе, другар на Тоше: Се „тепавме“ да ја возиме неговата „буба“, тој имаше срце-планина!

by Fokus
Денеска се навршија 13 години од трагичната смрт на Тоше Проески, кој загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во 2007 година.

И после толку години, луѓето се уште се во неверување дека него го нема, а најголема е тагата, покрај за неговите најблиски, така и за неговите најверни другари.

Еден од нив е Петар Шапе, кој за „Фокус“ отворено раскажа за другарувањата со Тоше и сите моменти на кои тој ќе се сеќава.

Недостасува пред се неговото физичко присуство, инаку тој е поприсутен од било кога. Тој е секогаш со нас и помеѓу нас, со неговите песни, делата, неговите хумани примери, тука се неговите зборови кои цело време ме потсетуваат и ѕвонат во моите уши секогаш кога ќе залутам понекогаш во секојдневието, дека треба да помагаме на оние кои им е потребна наша помош, да шириме добри дела и доколку сите го следиме неговиот пример и пренесуваме минимално, ние ќе живееме подобро и ќе има многу повеќе насмевка на лицата на луѓето бидејќи се помалку ја забележувам, а тоа ме прави помалку тажен“, го започна разговорот Шапе.

Кога нашиот соговорник ќе се наврати на минатото, едно е сигурно, дека недостасуваат многу работи кои заедно ги правеле со Тоше.

Ќе недостасуваат журките и забавите во нашиот омилен кафич Планет, збиранките по имендени, ќе фалат компјутерските игри на кои игравме до раните утрински часови. Ми недостасуваат одбојкарските натпревари кои игравме секогаш кога ќе имаше слободно време и ќе фалат работните акции кои ќе не собереше сите другари и одевме на манастирот Св. Преображение да работиме физичка работа од секаков вид“, раскажува Шапе.

Тој е еден од ретките кои добро ја познавале нашата поп-икона Проески приватно, а на прашањето каков другар бил Тоше, Петар ќе каже:

Кратко и јасно, најголем и најдобар, срце планина. Секогаш подготвен да излезе во пресрет на нас другарите и секогаш да не праша да не имаме некаков проблем или потреба од него и што треба да направи. Буквално секое видување не изостануваше да праша за сите“, додава тој.

Проески знаел на неговите најдобри другари да ги открие плановите за иднина. И нешто што најмногу го сакал било тоа друштвото да доаѓа на неговите концерти.

Тоше одеше до таму што демо песните кои што требаше да излезат за новиот албум ги преслушувавме заедно, се радуваше ако ни се допаднеа, дури не прашуваше која ни била хит за да биде како носител на албумот. Му значеше нашето мислење без разлика што бевме помалку стручни во тој поглед, таков беше Тоше. Сакаше да бидеме присутни на неговите концерти, одевме буквално на скоро сите од самиот почеток, првиот на лизгалиште во Скопје до последниот на градскиот стадион во Скопје. Со оглед на развојот на неговата балканска и европска кариера, во една прилика ни рече дека сака на секој концерт кој што би го имал во иднина, дел од нас другарите да бидат со него“, посочи Шапе.

Уште кога го купил својот автомобил „буба“, Тоше бил главна атракција помеѓу другарите, кои многу сакале да се возат во неа.

Тоше како Тоше знаеше да ни даде да свртиме по некој круг со неговите нови автомобили кои во тоа време му беа нему достапни, а ние ги гледавме со воодушевување бидејки не молевме да си ги дозволиме. Во тоа време си ја купи познатата „буба“ кабрио зелена, невидена атракција, не можевме ред да налетаме за да ја повозиме. Знаете дека игравме одбојка на теренчето кое во тоа време се наоѓаше во центарот на градот. Се собравме за натпревар, дојде и Тоше кој беше со „бубата“. Додека траеше играта некој ги „позајмил“ клучевите. Бидејќи не можеше да се дојде на ред да се повози „бубата“, некој од другарите си ја зел да ја проба. Арно ама мечот заврши, а „бубата“ ја нема се уште. Си рековме некој да не ја украл и викаме „дај да пријавиме во полиција“.  Тоше вика „каква полиција, ако некој ја бендисал со здравје нека си ја вози“ и се насмеа. По извесно време доаѓаат двајца наши пријатели кои се занеле во „бубата“ и отишле до Прилеп да се повозат, да се направат фраери“, го заврши разговорот Шапе.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости