Петар Пан политичари

by Фокус

Дефинитивно, Петар Пан политичарите неодамна убедливо се легитимираа како онаа изрека „Кој за што, ороспија за чест“! Го прошетаа народот „по ќерамиди“ дека божем во најновиот Извештај на Европската комисија бил нотиран почетокот на преговорите на Нашата земја со ЕУ

Пишува: Д-р Гроздан Цветковски

Овие не се со сите! Дијагнозата „страв од растење и зреење“ веројатно би била потврдена и од ЈЗУ Психијатриска болница во Бардовци. Порасна дури и Петар Пан, синонимот за „вечнoто момче“, кое одбива да порасне.

Со овој литературен (анти)јунак, создаден од шкотскиот автор Џејмс Метју Бари, израснаа многу генерации во нашата Недојдија. Меѓу нив и човеците што одбиваат да созреат, а себеси погрешно се нарекуваат политичари. Недораснати ликови, кои три децении продолжуваат да се будалкаат со инфантилни игри.

Дефинитивно, Петар Пан политичарите неодамна убедливо се легитимираа како онаа изрека „Кој за што, ороспија за чест“! Го прошетаа народот „по ќерамиди“ дека божем во најновиот Извештај на Европската комисија бил нотиран почетокот на преговорите на „Нашата земја“ со ЕУ. Па, уште и дека за првпат опозицијата била оценета полошо од владата!

Синдромот го манифестираа и на годинашнава прослава на 11 Октомври, кога при изведбата на револуционерната песна „А бре, Македонче“ го цензурираа стихот „клетите фашисти“, заменувајќи го со „душманите клети“. Упикувачите намерно го избраа овој наратив за да не ги навределе „братята“.

„БЛУДНИЦА ВАВИЛОНСКА“

Завалиите не се замараат да ја декодираат подмолната стратегија на българските секретни служби за суптилно изтриване на тяхното фашистко минало и експортиране в западната им съседка. Оперативното мероприятие под кодово име „Макерета“, предвижда в ЕС да се изхвърли фалшиво петно, с което Македония ще бъде рекламирана като фашистка държава.

Нашите Петар Пан политичари прифатија Бай Ганъо политици да ги пикает, а тие да отвораат чадор и глумат лудило дека врне. На тој начин, освен глобалистичкиот план „Големото нулирање на македонизмот“, ја операционализираат и оперативната комбинација „Макерета“!

Апсурдноста да биде поголема, „Блудницата Вавилонска“ ги верифицира бугарските фикции како услови во предлог-преговарачката рамка. За ептен калабалак се погрижи фондацијата „Българска памет“, чиј основач Милен Врабевски, който се приказва като „достоен български филантроп“, го финансира отворањето бугарски клубови во Македонија.

Друг национал-шовинистички деспаредос, самонаречен претседател на некаква бугарска фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, се заканува дека нема членство во ЕУ сѐ додека се слави 11 Октомври. По негово, „на овој датум 1941 година не е кренато никакво востание, туку тоа било криминално дело на дваесетина лица, кои биле уапсени за еден час“.

И така! Повеќе од три децении, Македонија битисува меѓу имагинарното и реалното, а нејзините незрели, самобендисани и алчни властодршци, седумнаесет години фураат во филмот „ЕУ интеграции“. Го разнебитуваат македонизмот со патентиран бугарски „француски клуч“, се замајуваат себеси и го лоботомираат народот македонски дека светлата иднина ќе почне утре, најдоцна задутре.

Комплексот „Петар Пан“ не е ментална болест, туку опис на состојбата на духот на македонското транзициско општество, односно ментална девијација на носителите на јавни функции, за кои е неопходен соодветен третман со трајна политичка апстиненција.

ЧУРУК ЧОВЕЧИЊА

Симптомите се манифестираат со инфантилно, нарцисоидно, егоцентрично, егоистичко однесување и самоубедување дека сите други треба да се фокусираат на нив. Нивните препознатливи карактеристики се отсуството на чувство за одговорност, избегнувањето да носат одлуки и пренесување на обврските на други.

Чурук човечиња без достоинство и самопочит, властољупци што одбиваат да созреат поради што секогаш во улога на „стратешки партнери“ имаат старатели што им го берат гајлето. Тие играат дрн-дупка со нив, мавтосувајќи ги дека божем ќе ги примат во европското семејство, а подлизурковците невешто блефираат дека божем прават реформи. А вистината е дека ниту „партнерите“ сакаат проширување, ниту, пак, подлизурковците реформи.

Во модус вивенди политичко-криминалната држава со параспур систем, Петар Пан какистократите, олицетворени во партиите на статус квото Курто и Мурто, со асистенција на Турто, направија „дупка во вода“. Нивното чувство за национален интерес го поистоветија со врата во широко поле низ која минуваат само будалите.

Прагматични патриотари-подлизурковци, кои, без око да им трепне, за гола власт, маст и сласт ја отфикарија Македонија!

Поврзани новости