Categories
5 ѕвезди со Скопје Сити Мол Слајдер ТОП ВЕСТИ

Петар Георгиевски: Оган под ѕвездите

Енергичен и ексцентричен, секогаш тежнее кон слободно искажаната мисла. Токму како и секој астролошки претставник на Водолиите. Одлично организиран, внимателен, хуман… Трча и инспирира други да трчаат. Од пишаниот збор не се откажува, а неговите текстови во музиката, лесно ја раскажуваат приказната. На музиката ѝ се врати годинава, иако никогаш не ја откажа комплетно. Тој е вистински „оган под ѕвездите“. Петар Георгиевски беше пријателот со кој денес шетавме во Скопје Сити Мол.

Тој е творецот на „Меморија“. Бенд кој овие денови доживува ново обединување, а она што е најинтересно е дека токму одговорниот за тоа е Перо. Додека го дегустиравме кафето во ресторанот „Венето“ во Скопје Сити Мол, се обидевме да ги собереме сите импресии, но и информации околу враќањето на „Меморија“ на сцена.

ФОКУС: „Меморија“ се враќа со нов материјал, концерт и документарен филм. Дали на Македонија ѝ недостасува македонска музика?

ГЕОРГИЕВСКИ: Мислам не. Секое време си носи своја музика, која била белег на времето во кое се живее. Колку е побурно времето, толку се поемотивни песните. Што значи сега би требало да биде крешендо или шпиц, што би се рекло по нашки.

ФОКУС: Бендот се роди во 1984 година. Кој од лицата кои беа дел од поставите на бендот ќе учествуваат во враќањето на групата на сцена?

ГЕОРГИЕВСКИ: Тоа се луѓето што свиреа на речиси сите пет албуми: Димитар Божиков, Сашо Ангелов, Бане Поповиќ, Валентино Скендеровски, Апостол Икономов, Ристо Самарџиев и јас, Петар Георгиевски-Камиказа. На првата плоча свират уште Ице Ристов, Антонио Димитриевски и Дејан Кузмановски, а на подоцнежните свират уште и Александар Хаџи-Паунов и Давор Јордановски, двајцата на клавијатури. Значи поставата што ќе свири е во комплетен состав.

ФОКУС: Интересно е да се вратиме во историјата, која на некој начин се повторува. Вие бевте основачот на групата, а токму на вашиот роденден падна договорот за новото соединување. Како и зошто ја однесовте оваа одлука?

ГЕОРГИЕВСКИ: Нема посебна причина, едноставно ни се свиреше и тоа е тоа!

ФОКУС: Дали сега ќе бидете истрајни во одлуката, посебно затоа што идејата тлееше веќе извесен период во последниов период?

ГЕОРГИЕВСКИ: Сега веќе враќање нема. Сега личните комфорни зони ги заменивме со сериозна работа, бидејќи не е лесно да се оправда сето она што го носиме како убав товар од младоста (успехот).

ФОКУС: „Нена“ беше почетокот, но кулминацијата почна со „Оган под ѕвездите“, за да го достигне врвот со обработката на „Македонија“ за албумот „Октомвриски дождови“. Вие како раскажувачот на приказните во песните, дали сега имате инспирација за нов текст?

ГЕОРГИЕВСКИ: Да, за неколку. Но, сега се во фаза на поминување на мојот критериум, потоа следи филтерот на бендот и јас се надевам дека на крај ќе се обидам да направам повторно нешто слично како некогаш. Знам дека кога ќе се искачиш речиси на сите врвови, останува најголемиот – личниот. Јас сум сега во подготовки за исполнување на личниот врв. Дали ќе успеам? Ќе чуете. И како и секогаш ќе судите.

Кафето во „Венето“ го завршивме. Тргнавме да шетаме низ Скопје Сити Мол. Ја разгледувавме поставката на фестивалот „Лего“, кој ексклузивно во Македонија се случува токму тука, во Скопје Сити Мол. Во муабетите се навративме на детството.

ФОКУС: Сите ние како деца сонуваме. Кои беа вашите соништа како дете? Дали го реализиравте Петар од вашите детски сништа?

ГЕОРГИЕВСКИ: Па, мислам, да! Многу од нас сакаа да бидат глумци, јас бев и сѐ уште сум. Многу од нас сакаа да бидат музиканти, а јас бев и сѐ уште сум. Многу од нас сакаа да бидат сонувачи, а јас бев и сѐ уште сум. Она што ми беше на сон како дете го живеам на јаве. И кога уште еднаш би се родил, би сакал да бидам ова што сум. Ни повеќе, ни помалку. Петар од моите соништа сѐ уште се реализира. Процедурата е во тек, на моја и на ваша радост.

ФОКУС: Вашиот татко беше педагог. Имате и вие малку врска со неговата професија. Но, што беше пресудно да не ја наследите неговата професија?

ГЕОРГИЕВСКИ: Татко ми беше директор на најголемото основно училиште во Скопје, „Јане Сандански“ во Дуќанџик – Битпазар. Тој беше извонреден во тоа што го работеше бидејќи поседуваше смиреност и трпение. Спротивно на мојот карактер. Мојата педагогија образуваше луѓе на друг начин: преку музика, текст, мисла и спорт.

ФОКУС: Вашата упорност ви овозможи да го „совладате“ професорот Милчин на ФДУ. Петар беше одличен како Огнен во „Пикасо“, интересен како Рио во „Трст виа Скопје“ или Бриц во „Марика лета со авион“. На музиката еве ѝ се враќате. Но, што е со актерската кариера? Сметате дека доволно направивте за неа?

ГЕОРГИЕВСКИ: Тоа поглавје ќе го отвориме во наредниот период. Ланската година играв во еден домашен филм, кој се вика „Жртва“, епизодна улога. Има некои преговори за многу поголеми достигнувања и на ова поле, но за тоа кога ќе има нешто поконкретно.

ФОКУС: Семејството и актерството некако си ги заменија местата во вашиот живот. Денес горд татко на прекрасни син и ќерка. Кои се насоките што им ги дадовте на Христијан и на Кристина?

ГЕОРГИЕВСКИ: Да бидат свои на своето и да работат тоа што го сакаат најдобро што знаат и умеат. Засега исклучително добро ги следат насоките. Но, со свои критериуми и на свој начин. Навистина сум горд на обајцата.

ФОКУС: Кој од нив ги следи чекорите на нивниот татко?

ГЕОРГИЕВСКИ: Кристина е таа што има исклучително креативен и претприемачки дух. Во компанијата КЛС, чиј основач сум, Кристина претендира да ги продолжи моите стапки. Христијан има повисоки цели и наскоро ќе замине во САД, да си ја проба среќата.

ФОКУС: Како почна вашата љубовна приказна со Даница? Дали театарот беше „виновен“ за вашиот спој?

ГЕОРГИЕВСКИ: Не, Факултетот за драмски уметности. По моето враќање од Америка, далечната 1985 година, отидов на Факултет да си го подигнам индексот. Таму ја здогледав Даница, која полагаше приемен испит, и знаете што, дента положи два испита: и на факултет и кај мене. Е, тоа ти е среќа! Понатаму сѐ е историја. Љубов и…

ФОКУС: Поезијата е секогаш присутна во вашиот живот. Некои велат неспоива со вашиот темперамент. Имате ли ваш омилен поет?

ГЕОРГИЕВСКИ: Радован Павловски од домашните и Жак Превер од светските. Има и многу други, но да не ги набројуваме.

ФОКУС: Пишувате ли уште?

ГЕОРГИЕВСКИ: Секако. Во последно време се распишував повеќе автобиографски случувања, а од скоро повторно ѝ се вратив на поезијата. Па, ќе видиме што ќе излезе.

Многу години беше директор во МКП МРТВ. До 2001 беше директор на Скопскиот фестивал. Интересно е да се спомене дека токму со него, девојчињата од „ХХЛ“ успеаја да постигнат најдобар пласман на Евровизија досега, претставувајќи ја Македонија. Критиките за Евровизија и тогаш беа незаобиколни. Додека се навраќавме  на тој филм, решивме да разгледуваме нешто што го интересирало секогаш. Ја анализиравме понудата на „Галери“ во Скопје Сити Мол.

ФОКУС: Евровизија, да или не?

ГЕОРГИЕВСКИ: Секако, Евровизија да! Тој прозорец ѝ е потребен на нашата држава за промоција. Можеби со помалку скандали што ја следат, дури уште од мое време, би било попаметно. Но, дали имаме памет, тоа е друго прашање. 

ФОКУС: Имавте своја улога во неколку култни изданија за македонската музика. Покрај „Меморија“, тука се и „Кисмет“, „Мизар“, албумот на Ориѓански „Разбуди се“, како продуцент бевте дел од албумите на „Санаториум“, „Зијан“, Јаков Дренковски, Џокси, Ена Веко… Зошто македонската музика денес не може да си го најде своето место под ѕвездите?

ГЕОРГИЕВСКИ: Моментот што го имав во Македонската радио- телевизија, да можам да одлучувам, го споделив со сите. Потпишав преку 100 изданија и мислам дека од таа база на групи и денес егзистираат „Санаториум“, „Архангел“, „Мизар“, Јаков Дренковски, „Зијан“, „Меморија“, „Ареа“ и многу други. Едноставно мојот момент го поделив со сите.

ФОКУС: По музиката, филмот, вашата работа, имате и нова љубов последните години. Трчање. Морам да признаам дека и тоа го правите со истата страст и посветеност. Но, зошто? Сигурно не поради тоа што сите трчаат во последно време.

ГЕОРГИЕВСКИ: Јас не трчам во последно време, туку бев мотиватор многу други луѓе да почнат да трчаат. Можам да кажам дека трчањето ме релаксира, ма прави пофокусиран, посреќен и имам повеќе нерви за секојдневните проблеми.

ФОКУС: Минатата година учествувавте на маратонот во Њујорк. Кој ќе биде најголемиот предизвик за трчање годинава?

ГЕОРГИЕВСКИ: Берлинскиот маратон, 42.197, во септември и веднаш потоа маратонот наречен – концерт на „Меморија“. Доста висока агенда за зрел човек, нели?

ФОКУС: Триатлон како нов предизвик?

ГЕОРГИЕВСКИ: Тоа е нешто што се надевам ќе следи, доколку Дедо Боже даде дозвола.

ФОКУС: Родените во знакот на Водолија, астролозите ги дефинираат како енергични, помалку ексцентрични, но секогаш сонувачи, кои секогаш тежнеат кон слободен говор. Велат и дека се дружељубиви и хумани. Има ли нешто од Водолиите во вашите карактеристики?

ГЕОРГИЕВСКИ: Сѐ, типична Водолија. Гледате и „Оган под ѕвездите“ сега доживеа поголема слава отколку пред 25 години. 

ФОКУС: За крај, како режисер, што посакувате да реализирате за вас, токму во вашиот живот?

ГЕОРГИЕВСКИ: Концертот на 18 ноември да помине во најдобар ред, како што го замислуваме. Да направиме со „Меморија“ сѐ што зацртавме. Да ги истрчам сите главни (шест) маратони во светот, за што сум на добар пат. На шеесет да направам еден Ајрон-мен. Да заиграм во 2-3 филма и на крај да дочекам внуци и да им раскажувам што сѐ нивниот дедо правел, за време на ова гостување на овој свет. Ете, тоа би било отприлика, иако секој план може да претрпи мали корекции.

До следната средба во Скопје Сити Мол, уживавме во евоцирањето на музичките спомени.