Петар Георгиевски – Камиказа: Откажување, што е тоа?

by Fokus

Популарниот фронтмен на легендарната група ,,Меморија” и актер, Петар Геориевски – Камиказа, вчера беше еден од најгласните поддржувачи на учесниците на Националното првенство во триатлон кое се одржа во Дојран. Тој пристигна заедно со дел од учесниците, ден пред првенството и не престана да ги бодри триатлонците за време на подготовките, како и на самиот натпревар.

Темпераментен, спонтан главен забавувач во секое друштво, тој го привлекуваше вниманието на присутните со своите шеги, но и со искреното и од срце навивање за спортистите. Животната драма од пред две години, кога како што своевремено појасни за медиумите, поради дијагноза пулмонална емболија со тромбофлебит во левата нога помина 17 дена во болнички кревет, очигледно е само лошо искуство кое музичарот го оставил зад себе и од кое дури добил посилен ветар во крилја.

-Овде сум како поддршка на триатлонците, горд сум на нивните успеси. Игор Димовски, победникот на триатлонот во категорија сениори и Македонец кој два пати го преплива Ла Манш, Димитар Јовановски, Јуниорски првак на Македонија, Кадетскиот првак Андреј Караскаковски, тоа се моите златни момци во кои верував со цело срце. Воодушевен сум од нивната посветеност, немав сомнеж дека ќе бидат брилијантни – раскажува Георгиевски, додека позираше за „Фокус” по завршувањето на триатлонот.

Додава дека и самиот размислувал да учествува во оваа тешка дисциплина, во која е вклучено пливање, возење на велосипед и трчање, но поради мал проблем со коленото, во последен момент се премислил.

-Нема запирање и нема откажување. Тие зборови не постојат во мојот речник. По случката од пред две години, кога по втор пат се родив, јас учествував дури на 17 спортски настани. Пред околу две недели бев дел од организацијата, но и самиот учествував во велосипедската трка Halk Velo Green во Маврово, возев 22 километри. Во овие 60 години живот поминав многу, ама пак и тоа многу ми е малку, продолжувам во нови спортски авантури – раскажува музичарот, полн со енергија.

Тој зад себе има голем број на атлетски трки, а учествуваше и на маратоните во Рим и Њујорк пред повеќе години. И додека за повеќето негови врсници неговиот активен начин на живот е еден вид на научна фантастика, темпераментниот Перо Камиказа, едноставно, место не го „држи”.

По два напорни денови во Дојран, во постојан трк и како десна рака на дел од учесниците, кога сите уморни од настанот заминаа во своите домови, тој на социјалните мрежи објави фотографии на кои цепи дрва кај пријател.

-Како дополнителен тренинг, по триатлонот, отидов кај мој пријател во село Пеперово да поцепам набрзина два кубика дрва- откри Георгиевски и се пофали дека добил медал за најгласен навивач, според очевидците, сосема заслужено.

Вики Клинчарова

Поврзани новости