Пет опции за пензионирање на Заев и остварување на целта?

by Fokus

Ако Ние во ВМРО не се трансформираме, тогаш тонеме. Некоја Левица или Десница се профилира како вистинска опозиција. Нуди поинаков концепт и поведува контра власта на избори, а потоа наметнува поинаква Влада и ја реализира Целта. Или можеби некоја ДРУГА, нивна цел

 Пишува Никола ПОПОСКИ

Со доктори е најдобро да бараш решенија. Брутално се практични. Еден пријател доктор има теорија дека ние веќе не сме земја. Ние сме дијагноза, ми вели.

Прифаќам. Губиме сѐ што е способно да се снајде во нормален свет. Со страшна брзина. Велам: кажи некое решение, не само проблеми.

Заклучуваме дека ни треба Цел: Што сакаме Ние да постигнеме?

Дефинираме ЦЕЛ вака:

– да се стабилизира земјата од падот и поделбите до внатрешно помирување, да се врати вербата кај мнозинството дека може да биде подобро и видливо да се подигне квалитетот на живот, сето во еден мандат.

Како до ЦЕЛТА:

ОПЦИЈА 1

Најевтино е оваа Цел да ја оствари сегашната Влада. Така не се губи време.

Се погледнуваме. Не е ни смешно. Со Заев екипата на власт не може да се случи. Секако дека сум пристрасен. Но, не би имал ништо против кога тие би ја исполниле ЦЕЛТА. Не можат. Без разлика колку мандати би терале.

Заклучок:

Прво треба промена на власта. Овие не можат, и да сакаат. Проверено. Ни треба опозиција, која може да ги победи на избори. Да формира подобра Влада и да ја оствари ЦЕЛТА.

Да видиме опции за победничка опозиција.

ОПЦИЈА 2

ВМРО со истиот дует на чело.

Христијан и Александар носат свежина и модерен концепт, обединуваат најширок круг гласачи, додаваат талентирани кадри и успеваат да ја остварат ЦЕЛТА.

Ова го гледаме сега четврта година. Безопасни се против најотепаната власт во Македонија од Ослободувањето наваму. Значи може да се мисли на други опции.

ОПЦИЈА 3

ВМРО со водечкиот дует во заднина, но со поставен друг лидер.

Христијан и Александар именуваат лидер со традиционален метод. Именуваат нов Христијан и нов Александар. Остануваат доминантни лидери од заднина. Таквата замена дава нова позитивна слика за партијата што победува на избори.

За овој модел, Штип е сега Македонија во мало. Тука ќе биде тестиран. Водачите сами ќе си го именуваат кандидатот што најмногу им одговара. Тој ќе биде наша најдобра слика за партијата. Водачите ќе стојат веднаш над него. Сите останати ќе бидеме сплотени зад нив.

Дополнително, таму треба нас да нѐ поддржат и левичарите и десничарите. Барем тие што сакаат да ја соборат оваа власт. Сега имаат реална можност.

Ако успее во Штип, ќе се копира на цела Македонија. Тогаш со овој модел според нив ќе можеме да победиме и на избори, ќе освоиме власт и ќе може да ја реализираме Целта.

Доколку, пак, се покаже дека и тоа не е модел со кој ние победуваме, ќе треба да одиме на следната опција. Најдобро без одлагање.

Да измислат бојкот само за да се докупи време на фотеља е најголем пораз за партијата.

ОПЦИЈА 4.

ВМРО со избрано водство и нов Модел.

Христијан и Александар свикуваат Конгрес на кој се договара измена на концепт – идно водство се избира демократски. Кое и да е, сите нѐ обединува и нѐ мобилизира, а се нуди и сосема нов Манифест со кој ВМРО победува на избори и формира влада што ја остварува Целта.

Ако претходната опција не успее, оваа ќе ја наметне реалноста. Само доколку навистина сакаме да го пензионираме Заев и да ја оствариме Целта.

Ако ние не го сфатиме тоа, тогаш, сакале или не, ќе си дојде следна опција.

ОПЦИЈА 5.

Друга партија станува главна опозиција, се наметнува на избори и ја остварува Целта.

Ако Ние во ВМРО не се трансформираме, тогаш тонеме. Некоја Левица или Десница се профилира како вистинска опозиција. Нуди поинаков концепт и поведува контра власта на избори, а потоа наметнува поинаква Влада и ја реализира Целта. Или можеби некоја ДРУГА, нивна цел.

За сите што не веруваат дека тоа е можно, време е да погледнат околу нас. Светот се менува со досега невидена брзина. Затоа најбитно во овој момент е да се согласиме дека треба НАЈБРЗО да ја оствариме ЦЕЛТА.

Секоја опција што нѐ оддалечува од ЦЕЛТА е Заеднички проблем што не може и не смее да се премолчи. Заедно можеме најмногу!

(Авторот е член на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости