Пет од позитивните лица на вирусот се вработени во ЈП Национални шуми

by Fokus
До вчера бројот на лица вработени во ЈП Национални шуми, коишто се позитивни на корона вирус се искачи на пет. Од нив едно лице е од Кавадарци, додека пак четири се од Велес.

Првото заболено лице вработено во претпријатието како висок функционер е од Кавадарци, а веста дека е позитивен на вирусот беше објавена од страна на МЗ на 20-ти март. И неговата сопруга, лекар во ЈЗУ Кавадарци, исто така е позитивна на вирусот и тие се на лекување на Инфективната клиника во Скопје.

67 лица од градот кои биле во контакт со нив беа тестирани во наредните два дена, а нивните првични тестови беа негативни. Само по пет дена беа откриени и првите три случаеви на корона вирус во Велес, жена висок функционер во претпријатието, возач во истото и сопругот на функционерката. Околу 60 лица кои биле во контакт со нив, исто така беа тестирани.

Во тек на вчерашниот ден пак, кај уште три лица од Велес беше потврден вирусот. Станува збор за една жена и двајца мажи, од кои две лица се вработени во ЈП Национални шуми, а едното лице е близок роднина. Функционерката од претпријатието, која што беше помеѓу првите три случаеви од Велес, на социјалните мрежи побара разбирање од јавноста и апелира да не и се отежнува состојбата во која се наоѓа со семејството.

-Корона вирусот веќе не смее да биде табу. Знаеме дека ризикот е голем и еве јас сум дел од тие кои не успеаа да се заштитат доволно. Јас сум општествено одговорна и затоа сакам да повикам на солидарност со сите заболени и разбирање. Инфекцијата најверојатно ја добив на работно место. Не можев да знам дека сум носител на вирусот, се додека не испаднаа позитивни резултатите на неколку колеги од Национални шуми, по што ми беше земен брис, а потоа целосно се изолирав. Немав никакви симптоми. Не постои човек што сака да заболи или да го пренесе вирусот на друг, затоа ве молам немојте да ме обвинувате. Пред се, загрозена е мојата фамилија и ве молам да не ја отежнувате состојбата во која се наоѓаме. Силно посакувам НИКОМУ да не сум го пренела вирусот – апелираше велешанката.

Директорот на претпријатието, Зоран Ѓорѓиев од Кавадарци, на страницата на Национални шуми уште пред неколку дена се закани дека секој вработен кој ќе шири дезинформации за корона вирусот и ќе придонесе за отежнување на состојбата во претпријатието, ќе сноси законски последици.

Вики Клинчарова

Поврзани новости