Пет инспекциски екипи од денеска се активно на терен и вршат проверки на објектите што се наменети за прослави и големи собири, како што веќе и најавивме, соопшти портпаролката на Владата Марија Митева на денешната прес-конференција.
„Ако до сега зборувавме за направени и завршени контроли и детално ги презентиравме бројките, денеска сакам да потенцирам дека и формално правно и административно, целата потребна документација којашто е поврзана со сите неодамнешни инспекции е целосно обработена. Целокупната постапка е завршена во форма на службен записник и е доставен до надлежните институции. Со ова, Државниот пазарен инспекторат и формално и законски го заокружи првиот дел од процесот во рекордно време, обезбедувајќи ефикасност и усогласеност со прописите“ изјави Митева.
Таа додаде дека од денеска пет инспекциски екипи се активно на терен и вршат проверки на објектите коишто се наменети за прослави и големи собири, како што беше најавено. Овие инспекции, како што рече, се фокусирани на проверка дали објектите ги исполнуваат минимално-техничките услови коишто ги бара законот.
„Во наредните денови очекуваме нов извештај од оваа контрола, кој ќе даде појасна слика за нивоата на усогласеност и сите неопходни корективни мерки коишто ќе треба да се преземат.
Нема да дозволиме беззаконие или двојни стандарди и ќе продолжиме да ја зајакнуваме институционалната ефикасност сѐ со цел да обезбедиме правилата да важат за сите подеднакво. Јавноста заслужува безбедност, правичност и институции кои ѝ служат, а не обратно.
Остануваме посветени на оваа мисија, а за резултатите од нашите напори, за наодите и активностите коишто се преземени како дел од овој процес редовно продолжуваме да ве информираме“ посочи Митева.