Песни, аплаузи и солзи за Наум

by fokus

Фолк ѕвездата Наум Петрески вчера направи голема прослава за паметење по повод јубилејниот педесетти роденден, триесет години на естрада, а воедно и промоција на албумот „Грло ненапеано“ и нов спот. Веселбата се случуваше во скопски ресторан, во присуство на неговите најблиски, голем број на негови колеги и новинари.

Енергичен, облечен во фармерки и бела кошула, без ниту едно бело влакно, Наум покажа дека бројот 50 за него не претставува ништо страшно, туку обележува само уште една година исполнета со професионални успеси, мината во дружби со семејството и пријателите.

„Мојот најголем успех во животот може да се види на фотографиите на славеничката торта. Секако, тоа е моето семејство, сопругата Зуица, трите ќерки и синот, на кои што сум посебно горд. Горд сум на сите испеани песни, на секој аплауз од верната публика која што е со мене цели 30 години. Среќен сум што можам за себе да кажам дека денес, на мои педесет години, јас сум човек кој што нема ниту една неостварена желба! Да сме живи и здрави, тоа е најважно, и да си дочекаме уште многу вакви јубилеји и радосни настани, каде што сите ќе се собереме и ќе го славиме животот со музика“ – изјави ѕвездата за „Фокус“.

Виолета Томовска, Гоце Тодоровски, Јоце Панов, Ирена Спировска, Миле Кузмановски, Владо Јаневски, Блага Петреска, Андријана Јаневска и многу други беа само дел од гостите. Наум Петрески е роден во Охрид, и уште од седумгодишна возраст започнал да настапува на детски музички манифестации. Зад себе има голем број на награди, учества на фолк фестивали и турнеји во странство. Учествува на хуманитарни настани и има снимено над 300 песни.

Познат е како пејач без влакна на јазикот, бидејќи секогаш во јавноста е отворен за теми, кои што најчесто се табу за неговите колеги, посебно кога се работи за мешањето на политиката во музиката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости