Песна од Јонче Христовски на новиот албум на „Црвена Јабука“!

by Fokus

Популарниот хит на легендарниот македонски пејач и композитор Јонче Христовски, „Ако умрам ил загинам” се најде на новиот албум на „Црвена Јабука”.

Песната е во изведба на вокалистот на Јабука, Дражен Жериќ – Жера, а покрај оваа обработка, на новиот албум „Нека нова јутра” се наоѓа и обработка на „Тонка” од „Нови Фосили” во чест на Рајко Дујмиќ и Марио Пејиќ.

И овој албум на бендот, како и многу претходни, е во издание на најголемата дискографска куќа во регионот – Croatia Records. Автор на повеќето песни е Мирко Шенковски Џеронимо кој заедно со Дражен Жериќ Жера и Ларис Пашалиќ ги потпишува и сите аранжмани на песните.

Петнаесет нови песни со ретро звук потсетуваат на Јабука во нејзините најдобри денови. Како и секогаш, темата на песните е љубовта, а на многу од нив се провлекуваат контурите на Сараево. Покрај Џеронимо, авторскиот тим го сочинуваат: Дино Мухаремовиќ, Фадил Бутуровиќ, Драгана Кајтазовиќ-Шенковски, Мирза Хамзакдиќ Харо, Амир Мисирлиќ и Златан Фазлиќ.

Бендот најавува промотивна турнеја, а еден од првите големи концерти е закажан за Денот на вљубените во Загребска Арена.

За безвременската големина на музиката на Јонче Христовски доволно зборуваат неговите песни кои останаа во ризниците. „Македонско девојче”, „Ај засвирете ми чалгии”, „И ние сме деца на Македонија„, „Едно име имаме” и други.

Музичарот, родум од Битола, секогаш беше интересен за публиката со впечатливите сценски настапи. Тој стои зад серијата „Распеани градови“ која во седумдесеттите години беше доста популарна ширум Југославија.

Почина во 2000 година во Скопје и зад себе остави две ќерки. Неговата сопруга пак, починала во скопскиот земјотрес во 1963 година, и тој и ја посвети песната „Животе мој“.
Вики Клинчарова

Поврзани новости