Пенков бара оставка од градоначалникот и нов Совет и јавна администрација: Депонија ли да биде Неготино постојано?

by fokus

На вчерашниот протест на ВМРО ДПМНЕ во Неготино, на кој беше искажано незадоволството од тоа како се водат разговорите со Бугарија и политиките на власта, пратеникот во Собранието и претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Неготино, Златко Пенков, пред општинската зграда побара оставка од градоначалникот Тони Делков, но и промена на целата јавна администрација и нов Совет.

Причината, како што вели, помеѓу другото е и најавата на Министерството за одбрана дека 110 тони стари гранати кои беа пронајдени во Битола ќе се уништуваат на армискиот полигон Криволак, па Пенков прашува дели Неготино треба постојано да биде депонија.

-Ова што го гледате позади мене е општинската зграда на Неготино и има потреба од нова управа, од нов градоначалник, од нов Совет, и има потреба од нова јавна администрација која ќе работи за интересите на граѓаните, а не само за пет лица во општината и за нивните бизниси!
Секој ден ќе протестираме додека не си одат! Оставка!

Со еден пример, сите знаете што се случува последните неколку денови со пронајдените бомби (старите гранати пронајдени во Битола). Зар Неготино треба да биде депонија постојано? Со СДСМ друг збор нема, депонија! Затоа сите ние сме тука, да издржиме, секоја вечер ако треба до победа – изјави Пенков.

Инаку, околу најавата на МО за уништувањето на гранатите, пред два дена ,,Фокус” побара и официјален став од министерството, кое детално ја појасни целата процедура, потенцирајќи дека нема да има штетност за луѓето и околината.

Сепак, присутна е вознемиреноста кај граѓаните, кои стравуваат дека уништувањето на гранатите ќе влијае врз нивното здравје и врз лозовите насади.

Лани во декември пак, неготинчани беа соочени со проект за изградба на депонија за индустриски отпад, и беше покрената иницијатива за референдум против депонијата. Тогаш градоначалникот Делков ги уверуваше граѓаните дека нема да има штетност од депонијата, а постапката за продажба на градежно земјиште за изградба на депонија беше запрена поради негативно мислење на Државното правобранителство.

Вики Клинчарова

Поврзани новости