Пендовски: Докторот по ветеринарна медицина е централниот лик во соодносот „човек – животно”

by Fokus
Кадрите кои ги продуцира Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје се од витално значење за државата и се од стратешки интерес. Важноста на едуцираниот кадар во ветеринарната професија е посебна, бидејќи докторот по ветеринарна медицина е централниот лик во соодносот „човек – животно” и е исклучително важен за иднината на сите нас, истакна деканот на ФВМС Лазо Пендовски за МИА.
Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје денеска одбележува 30 години од неговото постоење, а Пендовски потенцираше дека научно-истражувачката дејност на Факултетот прераснува во институционален центар за креирање знаења и трансфер на технологија преку кој системски им се овозможува на студентите полесно да ги разберат научните достигнувања и нивната примена во клиничката пракса.
Какви се почетоците, а кое е значењето на овој Факултет денес?
– Основањето на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје е настанато со осамостојувањето на Р Македонија кога започнува и новата епоха во развојот на ветеринарната професија. Поточно во учебната 1991/1992 година Ветеринарниот факултет во Скопје започнува со работа како Ветеринарна насока при тогашниот Земјоделски факултет (денес Факултет за земјоделки науки и храна) предвоени од научниот кадар и капацитетети на Ветеринарниот институт кој донел одлука за ставање на своите кадровски и просторни капацитети во функција на овој ветеринарниот студиум. Во овој процес подоцна се вклучува и државната Главна ветеринарна болница чии професори се вклучуваат во наставата особено од клиничките дисциплини.
Меѓутоа, ако се гледа во поширок историски контекст може слободно да каже дека минатото севкупно е многу поодамна од уште од далечната 1927 година кога во тогашната заедничка држава СХС, во Скопје е создаден – Ветеринарен отсек при Бктериолошкото одделение на Заводот за тропски болести. Во 1931 година Отсекот се издвоил во посебно Ветеринарно одделение, кое добило и посебна зграда, а за време на Втората светска војна, Ветеринарното одделние се осамостојува за да на 15 декември 1944 година на заседанието на Президиумот на АСНОМ се донело Решение објавено во Службен весник бр. 1, страница 25 каде институцијата го добива називот Ветеринарен-бактериолошки институт, кој со уредба на Извршниот совет на тогашната Народна Р Македонија добил статус на научна установа.
Извесен период во рамките на УКИМ делуваат формално-правно две иснтитуции со ист кадар и иста дејност, Ветеринарен факултет и Ветеринарен институт. Затоа по предлог на Министерство за образование и наука, Владата на Р Македонија во 2003 година донела Одлука за приспојување на Ветеринарниот институт кон Факултетот за ветеринарна медицина, а таа стапила во сила во 2004 година кога дојде до последната интеграција во една целина, а Факултетот за ветеринарна медицина станува наследник и следбеник на Ветеринарниот иснтитут.
Денес, Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје е стожер на ветеринарната професија во Македонија, опстојува да го држи квалитетот на сите три сегменти од својата дејност и да се приспособи кон барањата на новото време. Целокупните потенцијали на Факултетот се ставени во функција на пренесување на најновите знаења засновани врз научни докази а студентите на Факултетот, идните доктори по ветеринарана медицина се стекнуваат со знаења и компетиции кои можат да бидат применети практично во стопанството.
Колкава е бројката на студенти?
– Бројот за прием на нови студенти изнесува 35, чија проценка е утврдена согласно потребите за нашата држава и стандардите кои се пропишани за ветеринарната професија, која е регулирана професија согласно директивите на ЕУ. Иако на прв поглед оваа бројка е релативно мала, сепак оваа бројка студенти се доволни за исполнување на капацитетите потребни за ветеринарната медицина во државата.
Колку се важни кадрите кои ги продуцира ФВМС за општеството и државата?
– Кадрите кои ги продуцира ФВМС се од витално значење за државата и би додал се од стратешки интерес. Важноста на едуцираниот кадар во ветеринарната професија е посебна бидејќи докторот по ветеринарна медицина е централниот лик во соодносот „човек – животно” и е исклучително важен за иднината на сите нас. Ветеринарната професија насекаде во светот поминува низ значајни промени кои првенствено се предводени од јавниот интерес, а се насочени кон обезбедување на висококвалитетни ветеринарни услуги и добра ветеринарна пракса. Во последните години, Факултетот разви јасна и сеопфатна стратегија, комбинирана со прагматичен и добро насочен концепт, со цел да им излезе во пресрет на приоритетите потреби во нашата земја.
Посветеноста на Факултетот преку апликативната работа во лабораториите овозможува директна соработка со јавниот сектор а од друга страна и со индустријата.
Денес, Факултетот располага со капацитети кои имаат најсовремена опрема за вршење на анализи за квалитет и безбедност на храната односно за испитување на здравствена заштита на животните кои по степенот на развој се на ниво на современите центри и националните референтни лаборатории во светот. Само за илустрација, Факултетот има повеќе од 190 акредитирани методи со кои се вршат анализи и се во согласност со меѓународно прифатениот стандард ИСО 17 025.
Но исто така, Универзитетската ветринарна болница које е единствена во државата денес располага со нови капацитети за болничко лекување, современа биохемиска лабораторија, ултразвучна и рентген дијагностика, компјутерска томографија и модерно опремени хируршки сали за третман на животни а сето ова е само доказ дека Факултетот за ветеринрана медицина се носи со совремемните концепти на големите ветеринарни естаблишменти.
За време на ковидот бевте актуелни и со посебната лабораторија, каков беше вашиот придонес за справување со пандемијата?
– Факултетот има клучна улога во анализата на ризиците при појава на заразните болести. Носечка улога при брзината на реакција при загрозување на здравјето на луѓето и на животните, преставувајќи ја секогаш првата линија за прстап на информација при појава на билошките непогоди, особено од заразните болести, а се однесуваат на животните, истовремено и на луѓето, можат да бидат отстранети еднствено од нас, бидејки нивниот извор се животните.
Основната задача на Факултетот, и во минатото и денес, е да се грижи за здравјето на животните, а со тоа индиректно да се грижи и за здравјето на луѓето преку јавното здравство преку концептот „едно здравје“ кое во 2020 година беше применето во нашата земја.
Со појавата на ковид-пандемијата во 2020 година, Факултетот беше една од првите институции во државата која беше повикана од македонската Влада да се вклучи во дијгностиката на болеста кај луѓето, на што оддговоривме со голем ентузијазам, посветеност и одговорност, а само затоа што бевме и сме подготвени како институција да ги браниме стратешките интереси на нашата држава.
Какви сè програми и можности има на ФВМС?
– Земајќи предвид дека сме специфична професија и сме дирекно под Директивите на ЕУ, Факултетот како и секаде во светот, развива студиска програма дефинирана како интегрирани петиполгодишни студии од прв и втор циклус по ветринарна медицина. Целта на додипломските студии по ветеринарна медицина е формирање на високообразвната квалификација на „доктор по ветеринарна медицина”, која покрај грижата за здравјето на животните, има значителна улога и во јавното здравство и тоа преку обезбедување здрава и квалитетна храна од анимално и растително потекло.
Наставниот план се дизајниран во насока која овозможува после завршување на академските студии на ФВМС, дипломираниот доктор по ветеринарна медицина да се здобие со компетенции за лекување на животните, решавање на проблематиката на ветеринарното јавно здравство, учество во заштита на човековата околина, изведување на теренска, клиничка и лабораториска дијагностика, превентивно сузбивање на заразните болести и зоонозите, проектирање и учествување во изработка на програми за развивање и унапредување на дејноста на сточарското производство и производството на производи од животинско потекло и животински производи и развивање на сите облици на заштита на животите и животната средина, како и негување на етиката и хуманиот однос кон животните.
Кои сè програми се нудат за постипломски студии?
– На Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје се акредитирани две студиски програми од трет циклус студии во траење од три години и тоа студиска програма – Ветеринарна медицина – со чие завршување студентите се стекнуваат со научен степен „Доктор на науки по ветеринарна медицина” и студиска програма – Безбедност на храна со чие завршување студентите се стекнуваат со научен степен „Доктор на науки по безбедност на храна”. Овие докторски студии на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје се интегративен сегмент на последипломските студии на УКИМ организирани и реализирани од Школата за докторските студии согласно на правилата на Европскиот кредит трансфер систем, втемелен во Болоњската декларација и усогласен со најрелевантните нормативни акти, конференции, декларации, семинари посветени на оваа тематика.
Овие докторски студии имаат современ наставен курикулум кој овозможува целовитост, систематизиран пристап и комплексност во последипломската едукација на идни доктори на науки. Студиските програми за докторските студии од областа на ветеринарните науки на студентите кои го завршиле интегрираниот прв и втор циклус на додипломски студии на факултетот за ветеринарна медицина (330 кредити) и на студентите од останатите регулирани професии и други сродни професии им овозможуваат да ги усовршат компетенциите на самостоен истражувач и по освоени 180 кредити, да се стекнат со звањето доктор на науки.
Каква е меѓународната соработка со други факултети сродни од регионот?
– Меѓународната соработка на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје е важен дел од активностите на вработените, преку која заедно со останатите ветеринарни и други сродни факултети се остваруваат голем број на активности од заеднички интерес во областа на образованието, размена на наставно-научен кадар и на студенти, размена на научни публикации и информации, учество во заеднички научно-истражувачки програми и проекти од зеднички интерес со цел користење на фондовите и приоритетите на Европската Унија, активности поврзани со анализи на аналити со акредитирани методи и сл.
Во изминатиот период оваа соработка е проширена со повеќе странски и домашни факултети, научни институти, акредитирани лаборатории и други стопански субјекти со кои се потпишани голем брор на билатерални договори, меморандуми за соработка, протколи за работа и сл.
Сметате ли дека Ветеринарниот факултет ја исполнува својата мисија и кои се идните планови за развој?
– Визијата на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје е да биде меѓународно акредитирана високообразовна установа (ЕАЕВЕ акредитирана установа) за образование на доктори по ветеринарна медицина (интегрирани студии од прв и втор циклус), за образование на научни кадри од областа на ветеринарната медицина и на безбедноста на храната, како и национално и меѓународно етаблирана наставно-научна установа во подрачјето на научно-истражувачката и применувачката дејност, континуираното образование, меѓуинституциската и меѓународната соработка.
Оттука на подрачјето на високото образование Факултеот е веќе јасно препознатлива високообразовна установа со квалитетно образование втемелено на најновите научни и стручни достигнувања од областа на ветеринарната медицина, односно високообразовна институција која овозможува стекнување на практични вештини и знаења со кои идните доктори по ветеринарна медицина ќе се профилираат во стручни и компетентни кадри способни да решаваат ветеринарно-медицински прашања прилагодени на барањата на пазарот.
Научно-истражувачката дејност на Факултетот прераснува во институционален центар за креирање на знаења и трансфер на технологија преку кој ситемски се овозможува на студентите полесно да ги разберат научните достигнувања и нивната примена во клиничката пракса.
Во својата применувачка активност Факултетот и понатаму е лидер на имплементирањето, одржувањето и унапредување на меѓународниот стандард за МКС EN ISO/IEC 17025 развивање на лабораториите, набавка на нова современа опрема, воведување нови стандардни оперативни постапки за детекција на аналити и обезбедување на високо ниво на веродостојност на резултатите, со цел квалитетот на услугите и задоволството на клиентите да бидат на изразито високопрофесионално ниво.
Сето ова дава за право Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје да биде една значајна институција во напредокот на целата држава и лидер во регионот во многу поширок контекст кој излегува од рамките на Ветеринарната медицина.

Поврзани новости