Пендаровски за изјавата на Мицкоски: Не се памети некој наш политичар кој искажал толку длабоко непочитување!

by Fokus

Претседателот Стево Пендаровски е непријатно изненаден од квалификацијата на господинот Христијан Мицкоски, според која, утрешното чествување на најголемиот македонски празник – Илинден, во Крушево ќе биде „циркуски церемонијал“, реагираат од претседателскиот кабинет.

-Не се памети, години наназад дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани, со целосно потценување на фактот дека државна делегација на чело со претседателот Пендаровски ќе положи венец и свежи цвеќиња на гробот на првиот претседател на Крушевската република, Никола Карев, на паметникот на хероите на Слива и на самиот Мечкин Камен, а ќе биде присутен и на Панихидата во чест на хероите и нивното дело во црквата Св. Никола, велат од кабинетот на Пендаровски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја одби и поканата од претседателот утре да биде дел од централниот настан од прославата во Крушево, а Пендаровски вели дека жали што неговиот искрен обид за надминување на политичките разлики барем на Илинден не бил разбран од дел од политичките лидери за кои партијата е сè уште пред државата.

-Имајќи го предвид фактот дека според Мицкоски чествувањето на Илинден во Крушево на 2 Август ќе биде „циркуски церемонијал“, тогаш не изненадува неговата одлука најголемиот македонски празник да го чествува во Ташмаруништа, наместо во Крушево. Најверојатно затоа што борбите кои се водени во тој крај се далеку позначајни од борбите за ослободување на Крушево со кои се удрени темелите на македонската држава, пишува во реакцијата на Пендаровски.

Поврзани новости