Пендаровски води со 7% пред Силјановска на анкетите, цензусот неизвесен

by fokus

Анкетите пред вториот круг од претседателските избори покажуваат поголемо водство на кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, пред кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска. Ако пред првиот круг разликата беше во рамки на статистичката грешка, анктетата на агенцијата „Маркет вижн“ овој пат покажува 7% разлика во корист на Пендаровски, објави МКД.мк.

Ова истражување на јавното мислење покажува дека повеќето испитаници (22%) се изјасниле дека во вториот круг од изборите ќе гласаат за Стево Пендаровски наспроти 15,9% кои се изјасниле дека ќе го дадат својот глас за Гордана Силјановска-Давкова.

Но речиси половина (47,7%) од испитаниците одбиваат да кажат за кој кандидат ќе гласаат, додека 14,3% се изјасниле дека нема да излезат на гласање. Ова значи дека исполнувањето на потребниот цензус за вториот круг од 40% излезност од запишаните гласачи е неизвесно.

По однос на националноста на гласачите, 0,2 отсто од испитаниците со албанско етничко потекло рекле дека ќе гласаат за Силјановска, додека 8,1 отсто за Пендаровски.

Во однос на рејтингот на партиите, власта и опозицијата се речиси изедначени. Анкетата покажа дека рејтингот на партијата на Зијадин Села е повисок од оној на партијата на Али Ахмети. Кај македонскиот блок во мало водство е ВМРО-ДПМНЕ со 0,6% во однос на СДСМ, додека во албанскиот блок во предност е Алијансата за Албанците со исто така 0,6 отсто предност во однос на ДУИ.

Анкетирањето беше спроведено од 22 до 24 април со CATI метода – телефонско интервју со помош на компјутер, на примерок од 1.067 испитаници.

Поврзани новости