Пендаровски во Минхен: Добрососедските односи еден од клучните фактори за обезбедување стабилност во регионот

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на посетата на Сојузна Република Германија и учеството на 56. Минхенска безбедносна конференција, вчеравечер говореше на тркалезната маса „Балкански дијалози“.

Говорејќи за добрососедските односи и соработка како еден од клучните фактори за обезбедување стабилност во регионот, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, се осврна на позитивните примери на Северна Македонија, односно  Договорот од Преспа како и Договорот за добрососедски односи и соработка со Бугарија.

Нагласувајќи дека членството во НАТО како стратешка политичка и безбедносна цел за Северна Македонија, позитивно ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион, претседателот Пендаровски изрази задоволство од динамиката и брзината на ратификувањето на Протоколот за пристапување во сите земји-членки. Во таа насока, претседателот истакна и дека процедурата во Шпанија за ратификација на протоколот за нашето членство во Алијансата се очекува да заврши до почетокот на изборите во нашата држава.

Осврнувајќи се на аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски оцени дека намерата на ЕУ да игра поголема геополитичка улога во регионот е целосно прифатлива за нас. Додаде дека на нашата држава и на регионот не им е потребен само пристап до заедничкиот европски пазар, туку и прифаќање на европските демократски вредности кои во голема мера ќе ги забрзаат реформските процеси и градењето стабилни и отчетни институции.

Поврзани новости