Пендаровски уверува дека нема да ја изгубиме државата

by fokus

Големите прашања и дилеми од раните 1990-ти кога ја стекнувавме независноста, денес, не се повеќе на дневниот ред. Најголемиот наш национален проект, создавањето на сопствена, независна држава е завршен. Членството во речиси сите за нас битни меѓународни организации, исто така, со влезот во Северно атлантската алијанса како круна на децениските напори да обезбедиме гаранција за територијалниот интегритет. Можеме да ја продолжиме нарацијата за историски губитници, поделено национално ткиво, народ историски онеправдан, ембарга и санкции, за Лисабонската декларација, за условите да станеме членки на Обединетите нации со услов каков што реално не бил поставен пред никого претходно, но, сето тоа припаѓа на архивите на историјата. 

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година”, кој се одржува во организација на МАНУ под негово покровителство. 

-Држава направивме и неа нема да ја изгубиме, но, воопшто не е неважно во каква држава живееме, односно, дали во таква држава ќе сакаат да живеат нашите деца и внуци. Да илустрирам – во светот постојат територии кои ги нарекуваат држави каде што власта само со употреба на сила го држи населението да не ја напушти сопствената татковина и десетици други каде што владее таква бесперспективност што ги тера младите генерации да ја планираат својата иднина било каде во светот, само не дома. Ако сакаме и по 30 или 50 години да кажеме дека имаме држава со сите нишани, треба да најдеме решение за актуелните проблеми, а не за 1903, 1941 или 1991-та. Само на таков начин ќе опстанеме во новиот свет кој се раѓа пред нашите очи, потенцира Пендаровски. 

Поврзани новости