Пендаровски: Писмото од Бугарија беше маркетиншки трик

by fokus

Се додека Бугарија не направи политичка Влада и не конституира Парламент кој ќе има мандат од четири години, ние нема што да бараме од Софија, изјави попладнево претседателот Стево Пендаровски на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“. Негова препорака е во овој период Владата да се задржи на акциските соработки со Бугарија со кои ќе се гради довербата, но не и да се разговара за главните точки на разединување.

– Моја препорака до Владата е да се задржи до секториските, акциските соработки и воопшто да не се обидува сега, во овој период, или во наредниот, ако немаат шанса да направат Влада, да направи пробив по тие прашања, рече Пендаровски.

Во однос на обвинувањата од опозицијата дека Владата го распродаваат државниот идентитет, Пендаровски, повикувајќи се на она што му го кажал премиерот, рече дека такво нешто, нема.

– Не можам да шпекулирам дали тоа се случувало. Можам да ви кажам само што премиерот ми кажа дека е разговарано. Од се што мене премиерот ми го кажа, нема такво нешто, ниту пишано, ниту вербално. Тоа е она што го знам, рече Пендаровски.

Писмото од бугарското МНР кое беше испратено по состанокот на европскиот Совет, Пендаровски го оцени како маркетиншки трик.

– Станува збор за макретиншки трик затоа што тоа е одговор на нашиот предлог за акциски планови и секторска соработка. Тоа стига во Скопје два дена после Европскиот совет. Тие пет точки, кога биле само тие, вие ќе почнеме преговори уште лани. Се работи за обид да се претстави реалната ситуација малку поинаку, истакна Пендаровски.

Доколку Бугарија продолжи да ја блокира земјава на патот кон ЕУ, Пендаровски смета дека во тој случај не е лошо соработката со САД да се издигне на повисоко ниво од потпишаната Декларација со САД од 2008 година. Притоа, појасни дека не се работи за алтернатива на нашата стратешка цел – членството во ЕУ, туку да се добие поддршка од држава која има што да понуди во однос на владеењето на правото и безбедносните закани.

– Тоа е само идеја и засега немаме намера формално да одиме до тој предлог, подвлече Пендаровски.

Поврзани новости