Пендаровски: Новото во македонската политика е што и јас и премиерот сме еднакви со сите вас

by fokus

Помина времето кога политичарите од високо гледаа во народот и му кажуваа што треба да прави. Ние сме апсолутно еднакви и јас и премиерот со сите вас, нема погоре и подолу, тоа е новото во македонската политика, кое никогаш порано не било, ние сме исти како што сме биле пред да дојдеме на власт, порача вечерва од Крушево кандидатот за претседател од коалицијата предводена од СДСМ, Стево Пендаровски од каде и официјално ја започна кампањата.

Тој пред крушевчани рече дека на власта и се придружил бидејќи преземала чекори за кои по повеќе години генерациите кои доаѓаат ќе кажат дека тие луѓе не мислеле за сопствените џебови, туку за Македонија.

– Малата Македонија во овој момент е единствената позитивна вест од целиот регион, само од кај нас доаѓаат позитивни вести. Тоа во кус временски период, таква концентрација на убави работи и настани никогаш не се случиле, истакна Пендаровски.

На првиот ден од кампањата тој рече дека политичката гарнитура која го поддржува неговиот конкурент во претседателската трка е против Рамковниот и Преспанскиот договор и дека со тоа тие се против НАТО и Европската Унија што, според него, не е добро за државата.

Пендаровски посочи дека за прв пат во историјата на државата зад еден претседателски кандидат  застанале 31 партија и над 30 илјади граѓани од сите етнички заедници.
-Нашата опција е само напред. Нивната е назад. Тоа не смееме да го дозволиме. И нема подобра опција од интеграцијата во ЕУ. Ако некој мисли дека со изолација економијата ќе цвета, се лаже или лаже. Се разликуваме како небо и земја, затоа повикувам на максимална мобилизација и излезност на изборите, повика Пендаровски од Крушево.

Пред крушевчани се обрати и премиерот Зоран Заев, кој рече дека имаат претседателски кандидат зад кого стојат граѓани од сите етнички заедници и политички определби.

– Влеговме во тим за големи прашања, ги решаваме. Донесовме важни одлуки и продолжуваме напред. Со претседателски кандидат кој ќе биде ветар во грб, кој ќе биде сидро, ќе чекориме уште побрзо напред. Ова е патот, порача  Заев.

Поврзани новости