Пендаровски: Не ми се нарушени односите со Владата

by Fokus

Иако тоа треба јавноста да го проценува, мојот став е дека, во изминативе 28 месеци со Владата не сме имале ниту едно разидување околу стратегиските прашања – евроинтеграциите, надворешната политика, безбедноста или меѓуетничките односи, вели шефот на државата Стево Пендаровски во изјава за Дојче Веле, а по интервјуто за „360 степени“ во петокот, во кое настапи со критични тонови за неколку прашања во однос на политики на Владата.

-Иако во неколку наврати сме имале различни мислења за одредени законски проекти или за случаи на прекршување на правото од носители на високи функции, тоа се нормални работи кога имате кохабитација меѓу демократи. Да бидам уште попрецизен – за овие, скоро две и пол години, никогаш не сум добил ни јавна ни приватна забелешка од Владата за одредени мои изјави и постапки. Поинаку и не може да биде, зашто со клучните луѓе во Владата, на чело со премиерот Заев, се познаваме долги години и имаме поминато „сито и решето“ и на улиците, и во институциите, и во борбата за подобар живот, вели Пендаровски.

Како што анализира ДВ, пожарот кој на 8 Септември предизвика трагедија во тетовската модуларна болница, продолжува да се шири на политички терен, произведувајќи шпекулации за односите меѓу носителите на власта. Во моментов тој е „локализиран“ на три шпекулативни пункта: дека се нарушени односите меѓу претседателот и Владата, дека се нарушени односите меѓу владините партнери СДСМ и ДУИ – по прашањето за одговорноста за тетовскиот случај, и трето – дека се водат паралелни истраги за модуларната болница во Тетово. Политичките и медиумски шпекулации за нарушени односи меѓу Владата и шефот на државата се зголемија по неговата изјава во интервјуто за „360 степени“, во кое, меѓу другото, говореше и за моралната одговорност.

-Ако ме прашувате лично, кога не дај Боже јас би бил конкретно во таква ситуација, тие што ме познаваат го знаат одговорот. Јас не би чекал ниту секунда. Би поднел оставка од морални причини, изјави Пендаровски.

Поврзани новости