Пендаровски не гледа потреба од анекс на договорот со Бугарија: Идентитетот не е работа на муабет

by Фокус

Претседателот на државата Стево Пендаровски не гледа ништо спорно во предлогот на опозицијата да се обезбедат терминали за отпечатоци на прст за пописот доколку со тоа се даде поголема веродостојност на самата статистичка операција, но тој смета дека нема доволно време.

– Ако тоа е прифатливо за да имаме поголема валидност на тој попис, зашто да не, само се плашам, знаејќи ги нашите тендерски постапки, а имаме само три ипол месеци до практичното отпочнување, дека можеме да ги набавиме тие апаратчиња. Не гледам проблем во предлогот, туку во тајмингот – истакна Пендаровски во интервју за МРТВ.

Според него, во пристапот со Бугарија не треба ништо да се менува. Имено, тој смета дека нема потреба од потпишување анекс на Договорот за добрососедство.

-Прашање на идентитет и јазик не е работа на муабет, туку е лична работа за тоа како јас се чувствувам и како се декларирам. Базично човеково право на самодекларирање и на самоопределување. Не би требало да смениме ништо во тој настап, отсега натаму, само треба да почекаме од другата страна, во Софија, не да дојдат нови луѓе на власт, туку истиве луѓе да сфатат ако ви беше мотивот, еве имате избори, евентуално да поминете подобро на тие избори, изборите завршија, дајте имате цел мандат пред вас да се свртиме кон рационалните аргументи. Бидејќи овие досега не беа рационални аргументи – дециден е Пендаровски.

Тој открива дека во разговор со бугарскиот колега Румен Радев рекол дека нема потреба од анекс на Договорот, бидејќи Бугарија и во иднина има политички можности да не блокира за било што.

Поврзани новости