Пендаровски на средба со Рикер: Сега е неопходно сите политички чинители заеднички да работат на европската иднина на државата

by fokus

Земјава вложи огромни напори за да ја надмине статус-кво состојбата од минатото. Сега е неопходно сите политички чинители заеднички да работат на европската иднина на државата, преку конструктивен политички дијалог за усвојување на суштинските реформски закони, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со вршителот на должност помошник – државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер.

Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, изрази очекување дека до крајот на годината ќе биде завршено ратификувањето на Протоколот за членство во НАТО во сите земји-членки, меѓу кои и во САД, со што Северна Македонија ќе стане 30-та членка на Алијансата.

– Нашето зачленување во Алијансата ќе претставува конкретна потврда на заложбите на САД за стабилна, сигурна и економски развиена Северна Македонија и одраз на волјата на мнозинството наши граѓани кои сакаат да ја видат Северна Македонија како членка на евроатлантските институции, рече Пендаровски.

Северна Македонија, дополни, е силно посветена на зацрвстување на стратешкото партнерство со САД, со цел поттикнување уште подлабоки врски меѓу двете пријателски земји и нивните граѓани.

Шефот на државата на средбата изрази благодарност за безрезервната поддршка и помош од САД, особено во остварувањето на нашите евро-атлантски аспирации.

– На тој пат, Северна Македонија ќе продолжи тесно да соработува со САД, како наш долгогодишен сојузник и поддржувач на реформите во областа на одбраната и безбедноста, владеењето на правото и независноста на судството, како и во областа на јавната администрација, порача претседателот Пендаровски.

Како што се наведува во соопштениетоРикер му го честита стапувањето на функцијата на Пендаровски, додавајќи дека САД ќе продолжат силно да ги поддржуваат демократските реформи во земјава, со цел нејзино целосно интегрирање во евро-атлантските организации.

Поврзани новости